27 Април, 2024
0.0294

Рекорден извоз на земјоделските производи

Објавено во: Агробизнис 17 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

Во првото тримесечје извозот на храна вредел 139 милиони евра, а ако трендот продолжи со вакво темпо, се очекува земјоделците годинава да остварат приход од 400 милиони евра.

Споредено со минатите години, оваа година би требало да биде рекордна ако се знае дека во 2010 година сме извезле храна за 329 милиони долари, во 2011 за 379 милиони. Во Сојузот на земјоделците на Македонија велат дека зголемениот извоз се должи на се` повисокиот квалитет што го имаат домашните фармери, пишува Дневник. - Временските услови годинава одат во наша полза и се надеваме на висок квалитет и богат род. Трговците се постојано на терен, купуваат и извезуваат. Можеби македонските граѓани ќе плаќаат за нијанса повисоки цени на земјоделските производи, но ова е единствен начин да се пласира нашиот род, бидејќи Македонија е мал пазар и нема капацитет да го апсорбира целото производство - вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија. Граѓаните, пак, незадоволни од цените на зелените пазари. Велат дека се` што е убаво и квалитетно завршува надвор од границите. Експертите велат дека во следниот период ќе расте извозот на овошје и на зеленчук. Според нив, временските услови и поплавите во најголемиот дел од земјите во кои извезуваме ќе придонесе да се зголеми побарувачката на храна од земјава.

Зголемениот извоз е причина плус за високите цени на зелените пазари. За земјоделците отворањето на границите е единствен начин да се продаде родот, кој до пред неколку години масовно завршуваше скапан на нивите или фрлен по улиците бидејќи немаше кој да го купи.

Најзначајни партнери на Македонија и за извоз и за увоз се балканските земји, Србија, Kосово, Хрватска и Босна и Херцеговина, каде што се извезуваат 52 отсто од македонските производи, а во ЕУ оди 41 отсто пласманот. - Во период јануари-април годинава, во однос на истиот период 2012 година, извозот на храна бележи зголемување од 3,6 отсто, а увозот бележи намалување од 6,4 проценти. Овие движења во размената се рефлектираат и на остварениот трговски биланс кој иако е негативен, е со тенденција на намалување од 15,2 проценти. Извезени се земјоделски прехранбени производи во вредност од 139,2 милиони евра, а увезени во вредност од 206,2 милиони евра - велат во Министерството за земјоделство. Во првите четири месеци од годинава, овошјето и зеленчукот во вкупниот извоз на земјоделско прехранбени производи учествуваат со околу 12,8 проценти, од кој зеленчукот со 7 отсто и овошјето со 5,7 проценти. Вкупната вредност во периодот 2013 година, на извозот на овие производи изнесува 17,7 милиони евра, од кој вредноста на извезеното овошје изнесува 7,97 милиони евра, а на зеленчукот 9,8 милиони евра.

Главно извозот на зеленчук е насочен кон Србија, Хрватска, Полска, Украина, Албанија, Бугарија, Kосово, Белорусија и Ирак. Во однос на извозот на овошјето доминантно е учеството на јаболката, а со помали вредности се јавуваат јаткасто овошје, агрумите, грозје и друго. Просечните извозни цени главно се во нагорна линија. Највисок процент на зголемување има кај јаткасто овошје за 145 отсто и грозјето за 80,5 отсто.

Овошје најмногу извезуваме во Србија, Kосово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија и во Ирак.

#

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади