26 Април, 2024
0.0302

Русија сака хартија, а не усни ветувања

Објавено во: Колумни, Свет 13 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

На некогашната воено воздухопловна база во Романија, направена со руска помош во педесеттите години на минатот век, од вчера се вее знамето на САД. Она што се градеше со финансиска помош од Советскиот Сојуз, сега е надградено и проширено со помош на Американците. Потрошиле 800 милиони долари, а одржувањето ќе чини уште 20 милиони долари годишно. На југот на Романија во градот Девеселу, во воено воздухопловната база на површина од 175 хектари сместени се радарска страница, Центар за оперативно управување со батериите на против ракетната одбрана и мобилните батерии МК-41 со ракети пресретнувачи Start SM-3. За денес во Полска во местото Редзиково на северот на земјата е закажана церемонијата за почеток на изградба на база за противракетна одбрана (ПРО) на НАТО, која треба да биде во оперативна готовност во 2018 година. И таа база ќе биде опремена со истите ракети-пресретнувачи SM-3. Сето ова е знак дека Американците и практично се подготвени за ПРО, што вчера го потврди генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со изјавата за оперативна подготвеност на разместениот во романскиот град Девеселу американски комплекс за ПРО „Иџис ашор“ (Aegis Ashore), Како и многу пати досега изградбата на американскиот ракетен штит предизвикувала многу контраверзи. Уште за време на мандатот на американскиот претседател Роналд Реган, во 1983 година, беше лансирана идејата за Стратешка одбранбена иницијатива „Војна на ѕвездите“ според популарниот филм на Џорџ Лукас од 1977 година. Целта беше да се соборат стратегиските ракети уште пред да дојдат до американско тло. За многумина воени експерти системот на ПРО ќе значи џабе фрлени стотици милијарди долари без да се постигне целта. Велат нема да биде ефикасен во заштита од најголемиот „противник“. Се тврди дека од руските балистички ракети тешко може да се заштитат САД, а камо ли Европа. „ Целта на системот за ПРО на НАТО е целосна заштита на Европа од растечката закана поврзана со балистичките ракети“, изјави вчера прес секретарот на американската амбасада во Москва Вилијам Стивенс. –Пуштањето во оперативна работа на системот за ПРО во Романија значително ќе ја зголеми нашата одбранбена способност и ќе ја заштити територијата на НАТО, рече тој. Според него се повеќе земји произведуваат или набавуваат балистички ракети. Во исто време тој вели дека таквиот систем не е насочен против Русија. Со истиот став е и генералниот секратар на НАТО Јенс Столтенберг. „ Системот што го создаваме е исклучително одбранбен. Муницијата што ја користиме за уништување на непријателските ракети не содржи експлозивни средства. Таа едноставно ги уништува своите цели во воздух. Со други зборови ние не можеме да ја користиме во офанзивни цели, дури и кога би сакале“, тврди Столтенберг.„Системот не никаква закана и за рускиот нуклеарен потенцијал. И географијата и физиката не дозволуваат НАТО да ги урива руските меѓуконтинентални балистички ракети. Ние имаме многу малку ракети пресретнувачи, и тие или се наоѓаат предалеку на југ, или се многу блиску до Русија за да можат да го направат тоа“, вели првиот човек на НАТО. Со текот на годините од 1983 година наваму, Американците постојано бараа оправдување за градењето на системот на ПРО. По падот на комунизмот имаше периоди кога за многумина изградбата на таков систем беше депласирана. Односите на САД и Русија беа затоплени. Но како одминуваше времето, системот на ПРО не се симнуваше од дневниот ред. Во времето на Џорџ Буш помладиот неговата изградба се мотивираше со „заканите“ кои доаѓаа од Иран и Северна Кореја и другите држави-хулигани. Демек, тие се светска закана, а посебно за САД и НАТО, па затоа системот мора да биде изграден. Лани, кога се постигна договор со Иран и кога заканата од неговата атомска програма се анулираше, многумина сметаа дека ќе биде ставен крај на намерите за изградба на системот за ПРО. Но САД и НАТО не мислеа така. Погоре споменатиот американски прес секретар вели дека  „Постигнатиот договор за нуклеарната програма на Иран не ја намалува опасноста која доаѓа од иранските балистички ракети“. А токму договорот со Иран лани беше повод рускиот претседател Владимир Путин да спомене дека по склучувањето на договорот за иранската нулеарна програма, основната закана, која беше предлог за развој на ПРО во Европа, исчезна. „ Меѓутоа, иако ние знаеме дека е решен проблемот со Иран, потпишани се соодветни договори и усвоени од парламентите на земјите учеснички во договорот, работата врз системите за ПРО продолжува“, рече тогаш Путин. Тој го обвини Запад за обид да го подрие паритетот во областа на нуклеарните вооружувања, а во „суштина да го разниша целиот систем на голбалната и регионалната стабилност“. Но и нагласи дека и Русите нема да седат со скрстени раце. Додека се полемизираше околу изградбата на системот за ПРО на маса беа ставани многу предлози за заедничка изградба на противракетен штит од страна на САД и Русија. Русите  предлагаа единствен систем поделен на два сектора. За едниот би биле задолжени тие, а за другиот Американците, односно НАТО. Имаше предлози наместо двете земји да градат два система, да се изгради еден. Но проблем беше каде ќе биде командата. НАТО предлагаше разработка на заеднички систем на врски и за видливост  на режимот на ПРО. Но Русија тоа не го прифати. И двете страни велат дека не се закана едни за други, но никако да најдат заеднички договор тоа да се потврди во пракса. Има овде и една работа која влијае врз меѓусебната доверба. Русија е подготвена да го прифати предлогот на НАТО за заеднички систем на врски, но бара НАТО писмено да го потврди својот став дека „системот за ПРО не е закана за Русија“, а не само вербално да се тврди тоа. Ни Амерканците ни НАТО не сакаат да го направат тоа повикувајќи се на некакви правни проблеми. Русија веќе еднаш е изгорена од вербалните ветувања. И токму затоа сака  евентуалниот договор со САД и НАТО да го стави на хартија. Русите до ден денес не можат да го заборават фактот дека на разговорите околу иднината на двете германски држави, усмено било ветено дека НАТО нема да се шири на исток. Некои велат дека се разговарало на таа тема , но не било ништо ветено. Иако, до ден денес Михаил Горбачов тврди дека такви ветувања постоеле. Затоа Русија сака договор на хартија, а не усни тврдења. Така стојат денес работите со ракетниот штит на Роналд Реган. Од првата цел, одбрана на САД, системот сега се проширува и на одбрана на земјите членки на НАТО. Ако се имаат предвид изјавите дека НАТО треба да се прошири и на други континенти, тогаш неминовно ќе бидеме сведоци на создавање на еден голем ракетен штит, кој би бил насочен против земји за кои САД ќе сметаат дека претставуваат некаква закана. А за такво нешто  сигурно ќе биде потребен одговор. Сега станува збор за руски одговор, а утре можеби и за кинески. А како што стојат работите одговорите веќе се подготвени или се подготвуваат. И Кина и Русија ги реализираат своите воени планови до 2020 година, кои содржат и елементи за одговор на ПРО. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД