Русковска: Привремено запленет имот во вредност од над 32 милиони евра
Објавено во: Македонија 25 Април, 2022
Шефицата на ОЈО за организиран криминал и корупција Вилма Русковска објави дека запленетиот имот со завршената истрага за „Империја“ вреди повеќе од 32 милиони евра поврзани со кривично дело перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот.
Привремено е запленет имот во вредност од 32 милиони евра или 1 милијарда и 973 илјади денари, вели обвинителкста во денешното интервју за Нова ТВ.
Таа додава дека било тешко да се дојде до вистинските сопственици на имотите. Вештачењето траело година и пол во обемни предмети.
-Точно е. Имаме доста потешкотии во откривање на имотот, затоа што никогаш не се води на едно правно лице и на реалните сопственици. Тоа е разделено на повеќе лица. Едно лице го има, па друго има удели. Па се отвораат офшор компании како фирми ќерки. Имаме голем проблем во откривањето на вистинските сопственици. Знаеме кој имот е чиј, точно мала држава сме, но ние како обвинителство пред судот треба да настапиме со докази, одговара Русковска.
За нејзиното учество во „Шарената револуција“ вели дека пресуден момент била амнестијата потпишана од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов.
- Сега ќе ви кажам. Доаѓам дома од работа а тој ден склучив предлог спогодба како обвинител за обвинет да лежи девет месеци затвор затоа што чувал четворица мигранти на таван. Среќа што меѓу мигрантите немаше некој малолетен инаку ќе мораше да лежи четири години затвор. И доаѓам тој ден дома и слушам дека Иванов потпишал амнестија. И како обвинител и како човек ми дојде лошо. Си викам овој ќе лежи девет месеци за мигрантите на таван, а овие со прислушувања и корупции ќе бидат слободни. Да ја немав склучено тој ден таа предлог спогодба можеби немаше да излезам. Јас после тоа како обвинител сама немаше да можам да се погледам во огледало, тврди Русковска.