САД ќе спречи нуклеарна катастрофа со превентивни напади врз Северна Кореја
Објавено во: Свет 10 Август, 2017
Доколку биде потребно Министерството за одбрана на САД има план за извршување на превентивни напади врз околу 20 воени објекти во Северна Кореја од бомбардери Б-1 Лансер кои би дошле само во случај на иминентна закана од лансирање на нуклеарна боева глава од режимот во Пјонгјанг, објави Ен-Би-Си.
Во американската военовоздухопловна база Андерсон на островот Гуам има шест стратешки бомбардери Б-1 Лансер. Од крајот на мај тие извршиле 11 тренинг летови. Последниот бил на 7 август.
Пентагон предвидува дека во евентуална таква операција ќе учествуваат дронови, воени авиони и разузнавачки авиони, наведува медиумот цитирајќи извори.
Цели ќе бидат објекти од каде може да бидат лансирани ракети, воени комплекси за истражување и логистички згради.
Според изворите, разузнавањето на САД располага со точни информации за распоредот на тие објкекти. Сето ова се случува во момент на крајно тензична ситуација на Корејскиот Полуостров.
Северна Кореја изврши неколку ракетни проби, а вербалната конфронтација меѓу режимот во Пјонгјанг и американскиот претседател ескалира изминатите два дена.