СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да најде сила за опозиција, наместо да лаже за интересите на Груевски
Објавено во: Македонија 06 Мај, 2017
Залудни се обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за изборот на Талат Џафери за нов собраниски спикер кога и самите се свесни дека треба да одат во опозиција, смета СДСМ и во нивната реакција посочува дека демократските процеси во Македонија се одвиваат согласно Уставот, законите и Деловникот. Доказ за тоа е и што меѓународната јавност го поздравила именувањето на новиот собраниски претседател.
– Сите сега ја очекуваат новата реформска Влада на граѓаните на Македонија којашто е државен приоритет. ВМРО ДПМНЕ мора да најде сила да биде конструктивна опозиција којашто ќе ги поддржи реформските процеси, наместо да продолжуваат со лагите за личните интереси на Никола Груевски, стои во соопштението.
СДСМ потсетува на случувањата во Собранието од 27 април потенцирајќи дека тие не смеат да се повторат.
– Сите поттикнувања на омраза, тензии и насилни активности се тешки противуставни кривични дела за коишто законски се одговара, се наведува во соопштението како реакција на прес-конференцијата на Драган Данев.