26 Април, 2024
0.0267

Се разгорува дипломатската војна меѓу САД и Русија

Објавено во: Колумни 01 Септември, 2017

Добивај вести на Viber

Американците му приредија „топло“ добредојде вчера на новиот руски амбасадор во САД Анатолиј Антонов. Додадоа уште малку оган во дипломатската војна меѓу двете држави. На неколку часа до неговото слетување во Вашингтон САД побараа до сабота да бидат затворени рускиот конзулат во Сан Франциско и две зданија на трговски претставништва, во Вашингтон и Њујорк. Нема протерување на дипломати.  

Да нема и заблуди. Овој американски чекор не е изненадување за Русите. Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон досега неколку пати повторуваше дека САД подготвуваат соодветен одговор на руската сугестија 755 дипломатски работници во Русија да бидат повлечени во САД до 1 септември. И рокот што Тилерсон го најавуваше беше токму 1 септември. И вчера тој се јави по телефон кај својот руски колега Сергеј Лавров да го извести за „дополнителните ограничувања на активностите на руските дипломатски претставништва во САД“. Како што објави на својот сајт руското министерство за надворешни работи „Во својот одговор министерот изразил жалење за ескалацијата на напнатоста во двостраните односи, почната не од нас, и укажал дека во Москва внимателно ќе ги изучат новите американски мерки, по што ќе биде сооопштено за нашата реакција“.

Официјалниот претставник на Стејтдепартментот Хизер Нојер соопштувајќи ги вчера мерките кажа дека американската одлука е во духот на паритетот на кој се повикува Русија и дека се надева оти ќе нема руски контрамерки. Исто така дека ќе нема обострана одмазда и дека работите ќе одат кон целите означени од двајцата претседатели – да се подобрат односите меѓу двете земји и да се зголеми соработката во областите од заемен интерес. Но, доколку е неопходно САД можат да преземат и дополнителни акции.

По Нојер се јави прес секретарот на белиот дом Сара Сандерс која соопшти дека решението за затворањето на трите дипломатски објекти на Русија било донесено од претседателот Доналд Трамп. Таа не спомна паритет, туку американскиот потег го окарактеризира како решителен и изваган, како одговор на руското решение кое предизвикува жалење, а донесено пред некое време. Слично на Нојер и Сандерс изјави дека САД сакаат да се оди по насока кон подобри односи и дека се бараат можности за такво нешто. Исто така дека во американската администрација сакаат да бидат уверени во тоа дека американските власти носат решенија во интерес на својата земја.

Дипломатската војна меѓу двете држави започна пред крајот на декември минатата година за време на претседателствувањето на Барак Обама, на само два месеца пред крајот на неговиот мандат. Тогаш од САД беа протерани 35 руски дипломати и нивните семејства. Исто така на Русија и беше забрането да користи два резиденцијални објекта.

Официјален Вашингтон тогаш таквиот потег го објасни со тврдењето дека тие дипломати не работеле во согласност со нивниот дипломатски или конзуларен статус. Но како што беше изјавено преземениот чекор бил и одговор на руското вмешување во претседателските избори во САД во 2016 година, и некои други работи. Секако дека вистинската причина беше фактот што Обама и демократите не можеа да се помират со поразот на Хилари Клинтон, која беше кандидат за претседател.

Во очекување Москва внимателно да ги изучи новите американски мерки, да ја соопшти реакцијата, како што најавија од министерството за надворешни работи, може да се каже дека овој пат ќе нема симетричен одговор. Не дека тоа не е можно, а за него се залагаат и многу руски политичари. Причината е друга. На Русија не и е во интерес во моментов да се влошуват уште повеќе односите со САД. Таа треба да го чека исходот од потезите на САД кон Северна Кореја, од односите со Кина кои почнуват да се „нишааат“, од ангажманот на Американците во Авганистан, од европската недовреба кон Трамп…

Американскиот претседател Доналд Трамп, повеќе од јасно е, не може да направи ништо повеќе за унапредување на соработката со Русија, иако би сакал и понекогаш дава такви сигнали. На пример, кога мораше да го потпише законот за новите санкции кон Русија, кога нагласи дека го потпишува од што мора, а не од што сака. Некои прашуваат, а што прави рускиот претседател Владимир Путин за да му помогне на својот американски колега? А што треба да направи?

Во сегашната антируска реторика во САД, потхранувана од медиумите, во ситуација кога се уште се води истрага за наводното руско вмешување во американските избори, кога има специјален обвинител за таа работа, секој потег на Трамп во насока на подобрување на односите би бил дочекан на нож. Би бил прогласен за предавник. За жал таква е ситуацијата. Трамп се’ уште од тие причини ја нема стабилизирано својата администрација, а да не зборуваме за потребните кадровски решенија во Стејтдепартментот. Вина за ова има и самиот тој со своите изјави пред се на внатрешен, но и на надворешен план, кои за многимина се повод за повик кон негово отповикување.

За Трамп најголема помош од Путин би било Русија да признае дека се мешала во американските избори, па да се откаже од поддршката на отцепените делови на Украина во Донбас, па да се повлече од Сирија...Да ја притисне Северна Кореја...Но тоа нема да се оствари се додека Русија има интереси во тие делови од светот. Впрочем и Трамп и Путин во своите изјави велат дека нивна водилка во меѓународната политика е заштитата на интереси на нивните држави. Најмногу што може сега да направи Путин е да не брза со симетрија во одговорот на најновото американско дипломатско решение. Да остави простор за смирување на ситуацијата, да не го распламтува уште повеќе огнот во дипломатската војна. Некои можеби ќе го сметаат тоа за покажување слабост, но сепак на Русија во моментов и треба токму таков чекор. Да не дава повод дипломатските претставништва, ако продолжи спиралата на меѓусебни одговори во дипломатската војна, да се сведат само на ниво на амбасади. Одговорот на Путин на одлуката на Обама мируваше со месеци се до воведувањето на новите американски санкции неодамна.

А амбасадорот Антонов? Успех за него ќе биде, ако успее во она што го најави во едно интервју деновиве, дека ќе се стреми да им покаже на Американците дека Русите не им се непријатели и дека Русија е во целост заинтересирана за за нормализација на меѓусебните односи. Секако прва работа денес ќе му биде како до полноќ да ги исполни американските решенија. А потоа да работи на она што го најави, а за што ќе има цел мандат.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД