СЕРИОЗНИ ПРОБЛЕМИ: Работниците без плати, Македонија без автопати!
Објавено во: Економија 23 Јуни, 2017
Доцни изградбата на автопатите. Министерот за транспорт вели дека на терен се соочуваат со сериозни проблеми. Сепак, ветува дека овие делници ќе се изградат.
„Проектната документација не е во согласност со реалноста што значи терен, има нестабилност на косините, сериозна бројка објекти за дислоцирање, тука зборувам за електроенергетски објекти, како и проблеми со експропријацијата“, рече министерот Сугарески.
Тој нагласи дека Владата и ресорното министерство прават сѐ што е во нивна моќ за сериозното намалување на интензитетот на работа на градилиштето да биде зголемен, сѐ со цел колку-толку да бидат запазени некои рокови, дел од кои се веќе пробиени како изградбата на автопатот Миладиновци – Штип што требаше да биде готов на 1-ви мај оваа година.
Во исто време поради задоцнети плати и придонеси, работници од автопатот Охрид - Кичево излегоа на улица, преку штрајк да ги бараат своите права и обврски кои матичната компанија Викторија Инвест ДОО од Елбасан повеќе од два месеци не ги подмирила. Велат немаат каде да се жалат, доцнат платите од кои секој месец работодавачот им крател од 50-100 евра без причина и најава.
„Не се почитуваат договорите за работа кои ги попишуваме месец за месец. Речиси редовно ни се крати од платата без никакво образложение зошто се орави тоа. Бараме , да се почитува законот, а за случајот ги известивме надлежните институции.“ - изјави работник.
Викторија Инвест е меѓу фирмите кои претходната влада ги ангажирала како подизведувачи за новиот автопат Охрид - Кичево.Иако на почетокот работата течела без проблем пред извесен период почнале да доцнат платите и по неколку месеци.