Шарениот револуционер Александар Донев ќе го промовира туризмот
Објавено во: Македонија 11 Август, 2017
Александар Донев, активистот на Шарената револуција, е новиот вршител на должноста директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот. Него јавноста многу повеќе го памети како учесник на долгите протести кои врвот на незадоволството го демонстрираа кога претседателот Ѓорге Иванов реши да ги аболира осомничените политичари и функционери од СЈО како и нивните соработници.
- Како е кога знаете дека ако не дојдете во 6 пред СЈО ќе бидеме послаби или да го формулирам обратно, како е кога ќе дојдете и кога ќе ги видите вашите другари и другарки заедно рамо до рамо во борба за подобро утре? Разбудени и цврсто решени во оваа заедничка борба. Епа јас баш од таму ја црпам инспирацијата за мојот придонес во нашава прекрасна #ШаренаРеволуција. И нема нешто што ќе ме одврати или поколеба во мојата истрајност, напиша Донев во колумна за време на протестите.
Донев е инаку основач на Mustseedonia - Land of Adventure, организацијата која се занимава со промоција на туристичките места и природните убавини на Република Македонија кои се малку познати како за домашните, така и за странските посетители.
Нивна главна определба се авантуристичкото патување и активностите на отворено во природа. Се обидуваат да ја промовираат Македонија на глобалната мапа за сите љубители на алтернативниот туризам.
Агенција за Промоција и Подршка на Туризмот (АППТ) е владина организација чија основна функција е промоција на туристичките ресурси и капацитети на Република Македонина на меѓународно ниво. Со основна цел привлекување на туристи во Македонија како уникатна туристичка дестинација агенцијата има започнато со проекти и кампањи финансирани од Владата на РМ.
Христијан Станоевиќ