26 Април, 2024
0.0270

Шизоидност без граници

Објавено во: Колумни 29 Април, 2017

Добивај вести на Viber

“Животинска   фарма”  и  “1984”  од   великанот   Орвел   се   слика   и   прилика   на нашето денешно битисување. Џорџ Орвел  би можел да позавиди на неговите писанија, дури и да ги видоизмени, само ако еден ден престојува во нашата ни мила држава.

А доволен беше, порано секако си мислев, 24 декември, но одденешна перспектива, многу поеклатантен 27 април-лето Господово две илјадии седумнаесетто.    Големиот  автор   би   позавидел на  неговата   способност   да предвидува   и   симулира   ситуации,   кои   апсолутно   се   пресликани   во   нашава реалност, толку идентично и пластично, што обичниот читател на овие врвни дела го оставаат занемен и фрапиран.

И секако се прашувате, како е можно едно литературно дело, врвно секако, но дело кое прикажува крајно ригидна иперверзна ситуација на човековото живеење и катадневно однесување,   да е симболика   и   потполна   интерпретација   на   времето   во   кое   живеете?   

Секако одговорот би бил едноставен, можеби истите тие дела, секако дополнети со Гебелсовите   говори   и   Адолфовата   Моја   борба,   се   основна   и   единствена литература,   која   деноноќно   ја   читаат   и   повторуваат   креаторите   на   луцидни сценарија во нашата ни мила држава.

Амеби

Црн,   мрачен,   темен,   горечлив,   болен   до   коска   четврток,   за   многумина судбоносен, за едни крвав, тежок, жолчен, бидејќи и погледнаа на смртта во очи и се исправија пред најголемиот предизвик да бидат херои и да се бранат со свои раце, и при сето тоа да останат со ладни, а повеќето и со дупнати глави, и да не повикуваат на одмазда, а за други голем и победоносен, бидејќи истите тие, кои се кријат под плаштот на патриотизам, си ги скрија сопствените ликовии кукавички и крвнички удираа по народните избраници и новинари. 

Секој кој малку размислува трезвено и рационално ќе си го постави истото прашање -колку треба да си исполнет со гнев и омраза и колку треба да немаш никакви емоции во себе за да удриш друг човек, кој по низа основи е различен од тебе? Зарем  треба   со  физичка   сила   да  се  пресметуваме  со  етнички,  религиски  и културно другиот.

Амеби, да обични едноклеточни амеби сте сите вие кои кренавте раце и ги извалкавте со крв истите, вие немате рацио ниту емоции, за да можете да мислите, да судите и расудувате. Безрбетници сте за мене, вие насилници, кои влечете жени и се изживувате на нив, вие кои тепате новинари и повикувате на линч, вие кои крваво се пресметувате со народни избраници. Ми се гади од сите вас кои го оправдувате насилството, а уште повеќе од оние кои прикриено се   прават   недоветни,   демек   не   ги   интересира,   а   истите   провоцираат   и   се насладуваат на насилните акти во собранието. Вие сте шизоидни персони, вие немате   душа,   немате   чуства,   вие   не   можете   ниту   да   љубите,   ниту   да благословувате, ниту да дарувате, вие сте само обични бедници оперирани од страм и совест. 

Злосторство кон сопствениот народ и држава

Да посакаш смрт на друг, да кренеш рака на беспомошен, да удриш жена и со тоа да се гордееш е рамно на психопатологија или она што Барик потенцира -морална   патологија.   

Да   се   перчиш   во   највисокиот   законодавен   дом   веејќи знаме,   кое   е   симбол   на   државотворност   и   чесност,   знаме под   кое   се   дава заклетва и е гордост да се носи, а при тоа да сееш гнев, омраза и насилство е перверзија без преседан. Тоа е злосторство кон сопствениот народ и држава чиј симбол е знамето, и тоа не само што не те прави патриот, напротив, те прави обичен   и   безличен   човек   кој   со   своето   дејание   ги   урнисува   постулатите   на сопствената држава. 

Да повикаш народ на злодело и при тоа без тронка сраморно и гласноговорно да урлаш низ собрание и да дозволиш насилство од оние кои ги водиш врз народните избраници, еднаков си на   агресор и злосторник.Сите вие на кои духовна храна ви е насилството,  уживате и се восхитувате на агресија, ќотек и крв, треба да бидете санкционирани, во соодветни институции.

Злокоби едни, ќе ви суди историјата, децата ваши ќе се срамат од вас, ми удривте по фамилијата, по другарите, вие не заслужувате да се наречете христијани, а уште помалку луѓе.

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД