26 Април, 2024
0.0249

Што им е дозволено на Американците, не им е на Русите!

Објавено во: Колумни, Свет 02 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Избори се ближат. Во ноември Америкнаците треба да го изберат својот нов претседател. Доналд Трамп или Хилари Клинтон. Очекувањата се се’ да помине нормално како што приличи на една демократска земја. А таму наместо да се дебатира за програмите на двајцата кандидати, голем дел од реториката е посветена на руското „учество“ во подривање  на кандидатурата на Клинтон. Дури и фалсификување на изборните резултати! Доказ за тоа се хакерски напади врз институции на Демократската партија и илјадниците материјали што ги објавува Викиликс, а кои се однесуваат на работењето на Хилари Клинтон. Џулијан Асанж, творецот на Викиликс, вели дека имаат уште материјали за неа, но и за Трамп. Тие допрва ќе бидат објавени. Возбудата во САД дојде дотаму што лидерот на демократското малцинство во Сенатот , Гери Рид деновиве изјави дека „руските власти имаат намера да ги фалсификуваат резултатите од претстојните претседателски избори“. Тој дури испратил писмо до директорот на ФБИ, Џејмс Коми, а со чија содржина се запознале и некои американски весници. Рид смета дека вмешаноста на Русија во предизборната кампања во САД е од поголеми размери, отколку што знаат сите, и може да вклучува намера за фалсификување на официјалните резултати од гласањето. Тој не знае како може да дојде до фалсификувањето. Наводно специјалните служби и претседателовата администрација имаат многу информации за хакерските напади, но намерно не ги откриваат. Во поткрепа на своето тврдење тој се повикува на изјавата на Трамп за закана од фалсификување на изборите. Натаму Рид дава свои видувања како може да дојде до фалсификување. Но тоа и не е многу битно. На вмешување на Русите во изборите во САД предупредува и „Форбс“. Чиниш во САД се појавува „paranoia russikus“, особено кај некои политичари и во медиумите. Па така „Форбс“ пишува дека „За прв пат од 50-тите години субверзивната активност на Русија насочена против американскиот политички процес стана важен фактор за претседателската кампања. Уште една шпионско-пропагандистичка операција на Кремљ – „истурањето“ преку Викиликс на преписката на Националниот комитет на Демократската партија го достигна саканиот политички ефект. Сега ние треба да се замислиме над она што се случува, да научиме неколку лекции и да и’ дадеме на Русија жесток и иновативен одговор“. Рецептот на „Форбс“ е собирање на разни информации за рускиот претседател Владимир Путин, неговите роднини и неговото опкружување, со кои тој и сите околу него би биле разобличени. Тие информации би требало да ги потврдат фактите за кои многумина се сомневаат, но ретко има докази. “Внимателно собраните разобличувачки докази ќе му покажат на Путин и не само нему, дека и ние исто така умееме да играме жестоко“, пишува „ Форбс“. А притоа заборава да каже дека веќе со години на Запад се работи на собирање на разни „докази“ за споменатите работи дека имаше мноштво публикации, но сето тоа се покажа како пукање во празно. Дури имаше теории дека Путин собирал информации за него, па ги давал на западни медиуми да ги објават. Но ништо од сензациите. Сето ова дава повод да се навратиме на изборите во Русија во 1996 година. На почетокот на годината рејтингот на тогашниот претседател одвај достигаше шест проценти. Но тој одлучи да се кандидира на изборите кои се одржаа во средината на годината. Во првиот круг на изборите Елцин доби 35 проценти од гласовите, лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов три процентни поени помалку, а трет беше генералот Александар Лебед со освоени 14 проценти. Меѓу двата изборни круга Елцин имаше инфаркт. Но тимот што работеше за него, направи „чудо“. И Елцин во вториот круг доби 13 процентни поени повеќе од гласовите отколку Зјуганов. Е сега за „чудото“. Никој тогаш во Русија не знаеше за американскиот фактор во победата на Елцин. За стратегијата која му ја донесоа неколкумина американски ПР стручњаци, а некои од нив и работеле на кампањи за тогашниот американски претседател Бил Клинтон. Што беше стратегијата?  Пред се, нови изборни технологии. Наивните Руси мислеа дека со тоа што го отфрлија комунизмот влегоа во демократија. Каква демократија? Елцин со болно срце го тераа да танцува со млади рокери на јавни концерти, па доби инфаркт меѓу двата круга. Да се смее и кога не му се смее. Лажни ветувања. А згора на тоа црн ПР од најдолен вид. Застрашувања на гласачите со реванш на комунистите и слично. Се сеќавам, Георги Сатаров, еден од помошниците на Елцин одеше од радио на радио, од телевизија на телевизија и тоа на денот на изборите и повикуваше народот да излезе на гласање, зашто во спротивно ќе се вратат комунистите, па ќе бидат праќани во затвори, во логори...Олигарсите тогаш ги направија првите стотици милиони долари, речиси сите медиуми беа под контрола на власта и „пееја“ иста песна за опасноста од реванш. Административните ресурси до максимум му беа на располагање на Елцин. Бидна што бидна. Денес Русите го имаат Путин, а тој е махер за избори. Какво зрно ќе посееш, таков плод ќе добиеш. А сеачи, меѓу другото беа и Американци. За ова во Русија официјално долго не се зборуваше, иако во новинарските кулоари тие денови, за време на изборите, се шпекулираше за некакви американски експерти сместени во хотелот „Президент“. Но немаше никакви докази. Дури изби скандал со некои 500.000 долари, па беа сменети луѓе од најблиското опкружување на Елцин. Но, дека ништо не останува тајна се покажа по некоја година и јавноста ги дозна имињата на Американците. Некои од нив беа блиски со политички советници на Клинтон. Во САД дури се сними и филм за тоа како беше „спинуван“ Елцин. Тогаш се разбра како тие дошле во Русија... За улогата на неговата ќерка Татјана Диченко во целата работа. За изјавата на Клинтон: „Јас многу сакам тоj тип да победи“, мислејќи на Елцин. И навистина победи. А оваа победа отвора сомнеж за вмешување и на американската администрација во изборите во Русија. Веројатно под маската на заштита на демократијата од комунизмот. Многумина сметаат ако изборите биле навистина фер и демократски победник би бил Зјуганов. Но како и да е сега ги имаме америанските претседателски избори. И обвинувањата за руско-путинско мешање во нив. Знаејќи ја горната приказна не знам зошто Американците се лутат на некои хакери дека влегуваат во разни системи на некои партии. Зошто се лутат на Викиликс, кога знаат што работи Асанж. Докази за руска вмешаност засега нема, а и да има, зошто на Русите да им е сеедно кој ќе биде идниот американски претседател. Некој ќе рече, ама Американците во Русија биле повикани од ќерката на Елцин. А, што, повикот на Доналд Трамп до Русите да објавуваат се што имаат за Клинтон не е исто? Не може Американците да се однесуваат според  латинската поговорка: Quod licet Jovi, non licet bovi – што му е дозволено на Јупитер не му е на волот. Или во случајов со изборните игри: Што им е дозволено на Американците, не им е на Русите. Впрочем Путин ова еднаш го искористи. И тоа на прашањето за Косово и Крим. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД