ШТО СЕ КРИЕ ЗАД КОЗБИ: Популарниот комичар осуден за силување
Објавено во: Свет 27 Април, 2018
Легендарниот американски комичар Бил Козби се соочува со можност остатокот од животот да го помине зад решетки. Ова следува откако судот го прогласи за виновен за три случаи на сексуален напад и за секој од нив би можел да добие десет години затвор.
Осумдесетгодишниот актер беше обвинет дека ја издрогирал и силувал поранешната кошаркарка Андреа Констанд во 2004 година.
Судијата кажа дека Козби, првата голема црномуреста ѕвезда на американската телевизија, ќе остане на слобода сѐ додека пресудата не стане правосилна. Обвинителите бараа да нема право на кауција.
„Тој треба да биде задржан во затвор, затоа што е неограничено богат и би можел да избега со приватен авион“, кажа еден од обвинителите, на што Козби возврати дека нема авион.
„Среќни сме, затоа што конечно можеме да кажеме дека на жените им се верува“, изјави адвокатката Глорија Олред.
Околу 60 жени во изминативе пет децении јавно го имаат обвинето Козби дека е сексуален предатор. Некои од нив беа присутни во судницата при изрекувањето на пресудата.