26 Април, 2024
0.0252

СК/14 – лудачки проект за насилна европеизација?

Објавено во: Колумни 31 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

„Кога ќе се спомене Грција, секој образован човек во Европа, а особено во Германија, го обзема некое чувство како да се зборува за неговата сопствена татковина“. Ова, драги мои не се мои зборови. На Хегела се, на тој умниот, можеби најумниот меѓу философите; на строгиот и дисциплиниран Германец – Хегел, за кој замислете, Грција и исто толку татковина, колку и Германија!? Дали ние знаеме нешто што Хегел не знаел!? Дали конечно ќе ја пресвртиме историјата на Европа и тектонски ќе ги пореметиме нејзините културни, научни и историски темели!? Ако Хегел веруваше погрешно, дека колевката на европската цивилизација е античка Грција, ќе ги разубедиме ли модерните „хегели“, дека тоа е вештачки проект на сонародникот на Хегела, Ото – првиот крал на модерна Грција? Дури и да го докажеме тоа дека е така, а така е, ќе успееме ли да се „подметнеме“ како темел на европската историја, преку фамозниот проект „Скопје-2014“!? Трите конститутивни фактори на европската цивилизација и историја се:
  1. античката наука (епистемолошки основи)
  2. римско право (политичко-правен контекст)
  3. западно христијанство (протестантски дух)
И токму во погорната смисла модерниве „македонцки работи“ со фамозниот „Скопје 2014“ (кој еве упорно ни се случува и во 2016 и веројатно 2017), ги разбирам како некаков културен инженеринг за вклучување во европските текови. Всушност обид за вклучување во историското воопшто. Затоа што, ако сакаме да бидеме искрени, ќе кажеме дека Македонија како отсекогаш да имала некакво вон-историско постоење што се однесува до европската историја - никогаш, ништо не сме значеле за европската историја, во однос на трите горенаведени темели. Вон-историчноста се однесува и на фактот што сите европски токови не одминувале, како да сме биле изолирани од сè што се случувало во Европа. Во најважните мигови, како да сме спиеле. Затоа веројатно 1. Посегнуваме по античкото наследство за да си го обезбедиме првиот од трите столба на европската цивилизација. 2. Со градежната офанзива во неокласично-барокен стил, пак, се обидуваме да си го обезбедиме вториот темел, затоа што тоа класично наследство во суштина е пост-римско наследство и е резултат на тоа начело. Сето она што од ренесансата до просветителството и по него се случува во Европа, всушност е кулминација на овие две начела - античката наука и римското право. Класицизмот е само глас од минатото,а ново руво за модерните европски држави. Она што ме збунува е следново: дури и да успееме некако да го фатиме чекорот, т.е. да успееме да „влеземе“ во европската историја преку копирање на првите два темела на европската цивилизација, како ќе станеме „целосно европјани“ кога ни фали третиот конститутивен елемент, третиот столб - особено на современиот европски дух - католицизмот, а потоа, особенона протестантизмот. А токму тој елемент е клучниот - или барем духот на таа традиција. И како таков, тој елемент е клучен во формирањето на либерализмот и воопшто современиот менталитет на европеецот. Просветителството, реформацијата и сите социјално-политички и културни ефекти од тоа се последица на карактерот на западното христијанство, поточно од духот на протестантизмот, како што веќе покажа М. Вебер. Не мислат веројатно да не по-католичат!? И затоа до тука мојата мисла можа да го рационализира овој процес, може и да ја разбере оваа градежна офанзива. Но од тука натаму, мојата логика е немоќна. Одговорите веројатно треба да ги дадат инженерите на проектот. Она што мене во случајот ми е интересно е следново - партијата која е конзервативна, национална, демо-христијанска (во случајов, коректно би ја нарекле: демо-православна),  всушност го спроведува најголемиот процес на„европеизирање“ (или поточно „псеудоевропеизирање“) на Македонија во погоре изнесената смисла - како усвојување на европските цивилизациски темели. Да се послужам со една поимна дистинкција од руската интелектуална историја од 18-19 век, каде со два поима се разликуваат двете интелектуални струи во тој период - „словенофили“ (традиционалисти) и „западњаци“ (прогресивни). Според својата декларирана политичка ориентација, актуелнава власт на ДПМНЕ би била она што во Русија се нарекувало „словенофили“, додека опозицијата би била „западњаци.“ Излегува сосема парадоксално дека актуелниве инженери на овој проект иако традиоционални „словенофили“, се покажуваат како најголеми „западњаци“!? Тоа навистина е парадоксална политичко-идеолошка позиција. Но, веројатно (ако иронизираме), тоа е затоа што ДПМНЕ можеби се враќа на своите историски корени - историското ВМРО во суштина било левичарско движење кое се инспирирало од најпрогресивните социјалистички идеи во тоа време. На крајот сепак лебди прашањето - како ќе ја „измамиме“ историјата? Мене навистина ми е јасно дека нашиот, македонскиот историски часовник е „невоедначен“, дека македонската историја навистина е вон-историска apropos европската, дека ние не сме ги оделе истите истите фази на историски развој, но како можеме заради тој факт, едноставно да ја копираме историјата!? И зарем тој процес на европеизирање и така да се изразиме „европо-историзирање“ на Македонија, не можеше да биде едноставно формален - просто да ги имплементиравме сите неопходни политичко-правни и формално-технички барања, без претходни историски прилагодувања и духовни премодулирања!? Едноставно, европскиот развој за мене како македонец значи политичка и социјална еманципација, регулиран пазар, правен и институционален поредок, техничко-технолошки напредок и вклучување во единствениот европски простор...И толку! Ништо повеќе, ништо помалку, особено ништо митолошко д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД