26 Април, 2024
0.0333

Скопје 2014: Музеј на отворено за нацијата во исчезнување

Објавено во: Колумни 16 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Деновиве слушнав ваква изјава: „До последниот атом на силите ќе се борам да го реализирам тоа што сум го ветил!“ Убаво, фајтерски звучи тоа, доследно, карактерно. И доблесно, морам да признаам. Народот сака такви херои што „до последен здив“ се борат за народот. Навистина, тоа е вредност што се цени. Некои ја нарекуваат и тврдоглавост. Или „магарешки инат“. И ете, тој,доследен карактер, доследно на неговата доследност, до крај ќе го оствари проектот „Скопје 2014“ – конечно ќе го „барокизира“ и ГТЦ! Деновиве го оградија. Наумил човекот, за него нема назад. Би било убаво само, за да не си ја трошиме енергијата во бескрајно противење (оти ние не сме такви фајтерски карактери), да нè информираат каде ќе запрат – до Куманово ли ќе „барокизираат“? До Велес, Тетово? Сериозно сакам да прашам: до каде е доволно, колку барок е „доволно барок“, за конечно да го заслужиме местото во европската историја, како прва, најдобра и секако највредна европска нација!?

Нејсе, овде ми поминува иронијата и преминувам во сентименталност. Не знам дали знаете дека Хитлер имал една идеја што, се разбира, не ја реализирал целосно, но делумно ја започнал – да направи „Музеј на исчезнатата раса“! Да, како што ги „требел“, Евреите, така собирал разно-разни артефакти од нив кои би требало да се најдат во тој музеј што треба да сведочи на идните поколенија за еден народ што повеќе го нема! Се разбира, тоа при евентуалниот триумф на фашизмот, ќе било претставено како најголемиот успех на Рајхот, затоа што ја уништил нацијата која, според нив, е виновна за сите зла на светот.И тој тоа го правел доследно, систематски, педантно и буквално „до последниот атом на силите“. И на неговите сили и на последниот атом на силите на неговата нација.

Да ми простите на паралелата, но мене СК14 ми личи токму на еден таков музеј. „Музеј на отворено за нацијата во исчезнување“. Тоа е нашиот музеј на нацијата во исчезнување. Додека тој се гради нацијата полека се руши. Сакав да не сум во право, но поплавата ме демантира – ги извади на виделина сите фекалии на нашата колективна и системска неспособност, ја покажа оваа заедница во нејзиното вистинско светло – трула до изумирање. А на тој трулеж се строи „музејот“. И откако ќе се устрои, таков строен, упорниот, доследниот „неимар“, со „последниот атом на силите“ ќе го обзнани неговото завршување и гордо ќе го прогласи музејот за отворен, а тој ќе остане да стои горд, но сам како нем сведок за една нација која полека умира по сите основи: демографски, економски, социјално, политички, морално.

Ние, драги мои, сме нација на издишување, нација во умирање – затоа и ни го градат тој огромен музеј, за кога после години и години, нечиј наши, ваши паравнуци ќе се вратат од гурбет да прошетаат по остатоците од таа олупина и да ги оплакуваат коските на нивните дедовци. Ќе се шетаат по тие остатоци од нацијата на која ù било судено да биде голема и како „мали Јапончиња“ со апаратите в рака ќе ги „штракаат“ сликите за да понесат спомен на своите поколенија, за и тие да не заборават од каква раса потекнуваат. Да го шират митот за големата нација, за да не отиде во заборав...митот, нацијата веќе одамна ќе ја нема.Ќе остане само митот и како и секој мит ќе служи само за потхранување и смирување на совеста додека тие ќе си ги живеат своите обични, мирни и среќни човечки денови во некоја далечна земја која немала намера да биде толку голема како нашата. И која не исчезнала, не согорела во желбата за величенственост. Која сакала само да биде нормална и обична – да обезбеди мир и благосостојба за своите граѓани. Ништо повеќе, ништо помалку.Но, не, нам тоа не ни е доволно, ние сакаме необичност, величенственост, оти самонеобичноста преживуваво историјата, само величенственоста гради митови. Ние не сакаме да сме обични, ние не сме обични и затоа можеби, конечно, во градењето на величенственоста,сонот на неимарот ќе се оствари, митот за големата нација ќе се раскажува по светот...додека таа нација повеќе ќе ја нема.

Ете, драги мои, тоа ми е сликата в глава додека шетам по тој циркус, по тој „Дизниленд“, по тој „Музеј на отворено за нацијата во исчезнување“. И не знам дали случајно или не,но „mastermind-от“, „неимарот“ на ова грандиозно дело оставал траги, знаци, симболи и навестувања на судбата и исходот од патот по кој тргнала оваа нација. Неверојатное како се отчитуваат тие знаци! Ете, имате „карусел“, вртелешка со одвратна, хорор музика која постојано се повторува и повторува. И вртењето на каруселот и музиката се во едно вечно повторување, во вечно вртење во круг – како симбол на ова 25-годишно безнадежно вртење во круг, во кое, како и на каруселот, се менуваат само фигурите пред вашите очи -коњче, жирафа или срна - но суштината останува иста. Оваа симболика ќе се повтори и во панорамското тркало кое исто така, со исто толкава сила од истите тие атоми, неимарот е решен да го направи!И ништо нема да го поколеба, се разбира. Багерите се таму, веќе почнаа – се гради! Се гради во време на потоп. Тоа е, љубов во време на колера! Љубовта е поважна од колерата, принципот, атомите, силите...поважни од секој потоп. Та потопот е Божја работа, лринципот човечка, првата не зависи од нас, но принципот да и на него мора да се опстои.

Малку подолу, пак имате брод, галија која никаде не плови! Брод кој е вечно вкотвен! – па има ли попластичен и со тоа пострашен приказ на нашата 25-годишна агонија. Брод што не плови! Украсен, накитен, светкав... создава илузија дека само што не запловил во пресрет на својата судбина. Оти судбината и суштината на бродовите е да пловат, макар и кон сопствениот бродолом. Но, не и нашиот брод, трагедијата негова е што не може да доживее ниту бордолом - ете го стои и ќе стои таму вечно вкотвен, лажовен, божемски брод. Ко „пловењето“ и на оваа нација – божемно, лажно, прва на сите листи, а сепак последна, неподвижна еве веќе 25 години. А како врв на таа лага, на таа божемност, како нетраен симбол - кој иако полесен од котвата на закотвениот брод, сепак уште посилно, уште потрајно од неа ја закотвува нашата лага - стои стиропорот. Стиропорот, фасадата која ја прекрива нашата трулост и безидејност. Тоа фасадирање е врвот на нашата лага и измама, тоа е гланцот на нашиот божемски мит со кој се храниме додека ги живееме нашите секојдневни,нормални, но бедниживоти. Фасадите – ах таа покривка на нашите срамови, нашиот смоквин лист, нашата илузија дека трулежот ќе го снема, доволно е само да го пресоблечеме. Но, внимавајте тоа не е само фасада од стиропор која треба да го покрие трулежот. Не, не, не! Згора на тоа тој стиропор треба и да симулира величенственост. Погледнете го врвот на симболиката – ем е стиропор, ем имитира мермер! Па може ли да биде посимболично од ова: стиропор, а мермер ете тоа сме ние. Со тие фасади, конечно ние сме тој мајмунот во скапиот кафез, кој се радува дека тоа сепаке скап кафез!

До последниот атом на силите, драги мои, до последниот атом на силите на секој од нас ќе трае ова бавно и болно исчезнување и тоа - како иронија на судбината – додека сепак се гради! Сепак се гради...

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД