26 Април, 2024
0.0269

Слобода на медиумите: тежнеење кон невозможното!

Објавено во: Анализа 19 Февруари, 2016

Добивај вести на Viber

Медиумската пропаганда владее во Македонија, а слободата на медиумите е само мисловна именка. Ова е заклучокот што може да се извлече од последниот извештај од следењето на медиумските содржини на Институтот за комуникациски студии. Во него се содржани низа примери на пропагандистичко и тенденциозно известување, неосновани оркестрирани напади, фаворизирање на власта и сатанизирање на опозицијата во вестите и другите информативни содржини на јавните телевизиски сервиси МТВ1 и МТВ2, како и на приватните телевизии Сител, Канал 5 и Алфа. „Трендот на пропагандистичко известување на МТВ 1, МТВ 2, Сител, Алфа и Канал 5 во полза на власта, а особено во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ, продолжува. Јасно се видливи изборот на исти теми, исти цитирани извори и ист агол на обработка, така што прилозите на различни телевизии изгледаат како да се уредувани од ист центар на моќ. Продолжуваат и истите матрици на стратегиско демонизирање на СДСМ односно фаворизирање на ВМРО-ДПМНЕ, како и постојано користење на извори кои застапуваат исто гледиште.“ – се вели во извештајот. Од друга страна, кај телевизиите Телма, 24 Вести и Алсат М (македонски и албански) набљудувачите констатирале аргументирана критика кон политичките актери и кон актуелните настани. Сепак, како што стои во извештајот, нивното известување, иако пружа отпор кон дискурсот на владеачката ВМРО - ДПМНЕ што циркулира низ провладините медиуми, сепак нема моќ да создадат контра - тежа од спротивставени информации што на гледачот би му помогнале самиот да ја оформи сликата за релните настани. НА МТВ1 - 28 ОБРАЌАЊА НА ГРУЕВСКИ, САМО 6 НА ЗАЕВ Авторите на извештајот потенцираат дека најзагрижувачки е начинот на известување на МТВ1 и МТВ2. Наместо јавниот сервис, како што налага законот, да биде поле за политички плурализам и јавна дебата, тој во континуитет им служи на владејачките структури, иако се финансира од сите граѓани. При тоа изнесени се неколку илустративни примери за поткрепување на оваа теза. Еден од нив е дека во анализираниот период (19 декември 2015 - 29 јануари 2016 година) во вестите на МТВ1 биле објавени дури 28 обраќања на претседателот на владејачката ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, а наспроти тоа само 6 јавни обраќања на лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев. Исто така, констатирана е и пропагандистичка поддршка на сите проекти кои ги објавува ВМРО ДПМНЕ во име на Владата. Еден од насловите односно најавите, кои најмногу привлекуваат внимание, во овој контекст е „Дејан Момировски најсреќен за Водици, доби лаптоп од ВМРО-ДПМНЕ“. НАЈМНОГУ ПРИЛОЗИ ЗА ПОЛИТИЧКАТА КРИЗА И ПРОЕКТИТЕ НА ВЛАДАТА Во четириесетдневниот период, од 19 декември 2015 до 29 јануари 2016, во фокусот на телевизиското известување биле: политичката криза и предвремените парламентарни избори (682 прилози), проектите и остварувањата на ВМРО-ДПМНЕ како партија на власт (280прилози), аферата за фалсификуваните лични карти (118 прилози), работата на Специјалното јавно обвинителство (94 прилози), преговорите за уредување на медиумската сфера (53 прилози) и отворањето на универзитетот „Мајка Тереза" во Скопје (34 прилози). Во однос на политичката криза, која подолг период е топ тема во земјава, во извештајот се констатира дека Сител, Канал 5, Алфа и МТВ1 ги пропагираат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, особено пораката дека изборите мора да се одржат на 24 април. Во исто време опозицијата се демонизира со наслови од типот: „СДСМ во очај повторно подготвува насилни сценарија“ (Сител, 10 јануари) и „Дали опозициската партија подготвува насилни сценарија?“ (Канал 5, 10 јануари). Од друга страна, Телма, Алсат М, МТВ2, 24 Вести, кон оваа тема имале неутрален однос, со пренесување на ставовите „за“ и „против“ преку експертски ставови. За втората тема, по бројот на емитувани прилози, е карактеристично навивачкото известување и секојдневно претставување на граѓаните „максимално позитивна“ слика за работењето на власта. Ова особено се однесува на владиниот проект „Купи куќа за млади“. Сите прилози (вкупно 19) биле емитувани на телевизиите МТВ 1, Сител, Канал 5 и Алфа, а ниту еден на другите телевизии. Во сите нив доминирал позитивен и фаворизирачки однос кон власта, а прилозите се квалификувани повеќе како промотивни отколку како информативни. На Канал 5 и на Алфа се забележани изјави од исти соговорници на оваа тема, па дури и исти анкетирани граѓани во информативната канцеларија за проектот во Министерството за финансии. Во извештајот се нотира тенденциозен начин на известување и во прилозите кои се однесуваат на работата на Специјалното јавно обвинителство. Провладините медиуми за оваа тема се фокусирале само на едни, а целосно занемариле други аспекти на работата на специјалното обвинителство и на тој начин се обиделе да го манипулираат јавното мислење. „Во овој случај, кај сите три медиуми (Сител, Канал 5 и Алфа) дури беше јасно видливо насоченото и синхронизирано „конструирање на приказна“ која не кореспондира со реалните случувања, со цел кај гледачите да се поттикнат негативни перцепции за работата на Специјалното обвинителство „кое работи во поврзаност со опозицијата“.“ – се вели во извештајот на Институтот за комуникациски студии. Сите овие забелешки се констатирани во време кога гласно се говори за регулирање на медиумската сфера и кога ова прашање е една од најжешките точки во политичкиот дијалог, кој произлезе од договорот во Пржино. Во оваа смисла, продуктивно би било тие да придонесат, препораката во извештајот на ИКС дека телевизиите треба да известуваат непристрасно и избалансирано односно да ги претставуваат сите спротивставени мислења и ставови за една тема, да не биде само добро срочена флоскула и „мртво слово на хартија“. M.T.