Спасовски по убиството во Старата скопска чаршија: Еден од можните мотиви е меѓусебна пресметка
Објавено во: Македонија 08 Март, 2023
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по убиството на наркобосот Јетон Кривањева и Енес Исени, кои беа егзекутирани пред два дена во Старата скопска чаршија во угостителски објект, рече дека најверојатен мотив за нападот е мешсебна пресметка помеѓу криминалните банди.
„Истрагата бара темелно утврдување на факти и аргументи и обезбедување на докази и во тие рамки се движи истрагата која ја работиме заедно со Обвинителството и се што ќе се утврди како факт, доказ и аргумент навремено ќе биде презентиран во јавноста, така што ниту една ваква комплексна истрага не можеме да ја водиме во јавноста и во медиумите.
Секако дека тоа се криминални структури и еден од можните мотиви е пресметка - дали во самата нивна криминална група или помеѓу структури од други криминални групи, тоа ќе го утврди истрагата. И порано постоеја вакви случаи“, рече вечерва Спасовски.
Тој рече дека секогаш постојат обиди од страна на криминалците да влијаат на институциите, но дека тенденцијата е тие да останат отпорни на ваквите влијанија.
„Постојат разни анализи на тој процес. Криминални активности и криминалци постојат во сите свери на општественото живеење и задачата на институциите е да дадат одговор на тоа. Сите тие аспекти од организираниот криминал и корупција постојат во секоја пора, а институциите се тие кои треба да бидат отпорни и неселективни. Таквите структури се разочаруваат затоа што не овозможуваме некој да биде амнестиран за тоа што го прави“, порача Спасовски.