06 Мај, 2024
0.0228

Субрата Рој најави илјадници крави за локалните фармери – реалност или фикција?

Објавено во: Агробизнис 13 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Во првата фаза 6000, а вкупно 20.000 крави во следните три години ќе влезат во македонското сточарство. Реалност или научна фантастика? Инвестицијата ја најави индискиот бизнисмен Субрата Рој, но колку најавата е реална и остварлива, ќе се знае по три години. Засега не е познато од каде ќе се набавуваат кравите, со кое темпо ќе тече набавката односно по колку крави годишно ќе носи, дали ќе бидат сите за една фарма или ќе ги дели на земјоделците, дали индиецот веќе побарал дозвола за увоз од Агенцијата за храна и ветеринарство. Ако се земе во предвид фактот дека цената на една крава обично е околу 3.000 евра и повеќе во зависност од расата, тогаш инвестицијата на Индиецот би чинела 60 милиони евра. Упатените во фармерскиот бизнис за Фактор коментираат дека се работи за преамбициозна инвестиција. На најавата гледаат со недоверба, потсетувајќи на податокот дека сега во Македонија најголемите фарми имаат околу 1.000 крави, а тие се бројат на прсти.  Според  математичките пресметки на познавачите, за да се сместат овие 20.000 крави потребна е површина од речиси 100.000 метри квадратни, ако се има во предвид дека според школски пример во една специјализирана фарма, на една крава за удобно да биде сместена и се потребни околу 5 метри квардатни. Дополнително тоа значи огромни количества на добиточна храна, за кои Македонија барем засега нема капацитет за производство. Но индиецот Рој тврди дека во март ќе ја рестартира Џумајлија и од неа ќе направи модерна млекарница по сите светски стандарди. - Тоа ќе биде целосно модернизирана млекарница, а ќе донесеме и крави, изјави за Фактор Субрата Рој. Според тендерската документација која неодамна се подготвуваше за Џумајлија, Рој треба да инвестира над 200 милиони евра во следните три години, и има обврска да вработи 200 лица во првата година, а земјиштето му е дадено на стопанисување во следните 35 години. Освен 20.000 крави,  бизнисменот најави изградба на фабрика за добиточна храна и млекарница со голем капацитет, во која ќе се  произведува млеко наменето за извоз во регионот и во Европа. Што ќе добие Рој од Џумајлија Агрокомбинатот Џумајлија е вториот по големина во земјава. Пред да стане предмет на продажба, беше во сопственост на Зоран Даневски, брат на екс пратеникот Слободан Даневски. Агрокомбинатот поседува околу 6.000 хектари обработливо земјоделско земјиште и исто толку пасишта, винарска визба, млин, фарма за крави и овци. Во овој гигант годишно се произведуваа 10.000 тони јачмен, 3.500 тони пченица, 1.000 сончоглед, 500 тони индустриски домати, 2.500 тони брашно и 4.000 тони грозје. Во периодот кога работеше, винарската визба имаше производствен капацитет од 20 милиони литри вино, а млинот работеше со дневен капацитет од 10.000 килограми брашно. Во овој агро комбинат се одгледуваа 1.000 овци, околу 900 јагниња годишно, 200 молзни крави кои даваа по 5.000 литри млеко во текот на денот. Во производството се користеше софистицирана опрема и земјоделска механизација. Огласот за продажба на земјиштето се распиша лани.Од трите потенцијални купувачи на агро комбинатот “Џумајлија” турски “Суташ”, македонската “Здравје Радово” и индиската “Сахара Индија Паривар”, изборот падна на последната компанија. Спасител на млекопроизводството? Години наназад млекопроизводството во Македонија тоне. Во време на скапа добиточна храна, ниски откупни цени, сточарите финансиски исцрпени кравите ги продаваат или ги колат. Статистиката лани регистрираше намалување на бројот на говедата за 5,3 отсто во однос на 2011 година. Лани за 7 отсто е намалено и производство на млеко. Сега во земјава има околу 250 илјади говеда од кои околу 100 илјади се молзни крави. Извори за Фактор коментираат дека Субрата Рој планирал дел од овие 20.000 крави да ги дели и на македонските земјоделци. Инвестицијата се очекува да го крене на нозе млечниот бизнис. На македонските сточари не им е прв пат да слушаат наизглед убави ветувања, па затоа со недоверба гледаат на нив. Случајот Свед милк уште долго ќе остане запаметен во македонскиот млечен бизнис. Се најави помпезно како гринфилд инвестиција вредна 18 милиони евра. Во 2007 година беше најавена како најголема млекарница која долгорочно ќе ги  реши проблемите во македонското млекопроизводство. На нејзиното свечено отворање присуствуваше целиот државен врв, премиерот Груевски ја пресече лентата и наздрави со чаша млеко. Се изгледаше толку добро, за да е реално. Највисоки откупни цени на млекото, крави и лактофирзери за сточарите, статистиката рехистрираше пораст на добиточниот фонд и млекопроизводство. Сточарите купуваа крави на кредит. Но среќната епизода брзо заврши. Тогаш бизнисменот Моше Баум дојде како спасител, но наместо тоа млекарницата ја докусури, а млекопроизводство доживеа невиден колапс и последици од кои сеуште не може да се опорави. Бизнисменот кој во Индија важи за контроверзен, на неколку пати тамошните надлежни институции му ги блокираа банкарските сметките, сега во Македонија повторно се врати со грандиозни најави за инвестиции во сточарството. Дали индиецот  Рој ќе го извади македонското млекорпроизводство од долгогодишната криза? Ј.С