16 Мај, 2024
0.0255

Субвенција за брак: Ергени на ѕидот на срамот или ефективна мерка во конзервативна Македонија?

Објавено во: Анализа 07 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

По најавата на неколку општини дека тие ќе им помогнат на ергените и немажените моми да го фатат последниот воз за да застанат на” лудиот камен” и ќе им помогнат да ја најдат среќата, научната фела остана вчудоневидена. Дел од социолозите и психолозите за Фактор.мк велат дека неможат да се изначудат на храброста и смелоста на градоначалниците како први луѓе на општините да се осмелат да ги стават своите жители на “ѕидот на срамот” и тие во улога на стројници да им ја кројат судбината. Бракот не е само свадба Социологот Илија Ацевски вели дека во време на модерна технологија, лесен пристап до информации и комуникација скоро и да не постои човек кој неможе сам да најде начин како да избере свој животен сопатник или сопатничка. Помалку смешно но и жално е да се враќаме педесет па можеби и сто години назад, на една одамна помината традиција со стројници или парични стимулации да се потикнува стапувањето во брак-вели Ацевски. “На овој начин да се поттикнуваат неженетите и немажените во најмала рака е несериозно па дури и премногу смело од надлежните, како избраници на народот, а од друга страна и нефер кон сопствените сограѓани и жители. Ова ги става во подредена состојба, ги прави овие лица предмет на подсмев и шега во околината. Она што недостасува е сериозна анализа која ќе ги вклучи и локалната самоуправа и централната власт на заеднички проекти со научната јавност, демографи, економисти, социолози и цели тимови кои ќе работат на стратегија која долгорочно ќе го реши овој проблем. Селата и помалите градови конкретно во Источна Македонија полека изумираат, дел поради честите иселувања, невработеноста, беспарицата. Но, има и многу други фактори кои директно влијаат на овој феномен на зголемен број на немажени и неженети. Тоа е индивидуалната одлука на поединецот кој бара подобра иднина за себе и својот сопатник и семејството, младите девојки имаат повисоки барања кога се работи за образование, живеење во помали места без поголеми можности за работа и просперитет. Тука треба да се бараат одговорите. Бракот е една емоционална и интимна заедница која треба да се темели на цврсти и здрави темели, а не само да се прават квазистратегии да се ожени или омажи личноста, без притоа да се мисли на последиците. Бракот не е само свадба, испиено вино и ракија, туку многу повеќе од тоа. На ваков начин се добива впечаток дека ги класифицирате и ги оцрнувате оние кои одлучиле да не стапат во брак досега, а не сте направиле ништо како надлежни да им овозможите пристоен и квалитетен живот. И сега ги ставате во позиција, како истите да живеат во праисториско време. А, повеќе од сигурно е дека овие луѓе имаат и мобилни, компјутери и автомобили па можат и знаат од свои за себе познати причини зошто досега не стапиле во брак или не формирале семејство. Едноставно со вакви мерки се влегува длабоко во интимата на луѓето, а тоа не е во ред. Се стигматизираат граѓаните во овие општини, покрај со потценување со сумата, девалвирање дека не е способен сам да си најде животен сопатник, згора на се колкав е срамот цел живот да се носи белегот и товарот дека конечно општината “ те оженила-омажила”-вели професорот Илија Ацевски. За жал ефектите од ваквите популистички идеи на дел од градоначниците, додава социологот Ацевски, треба доколку се реализираат, да се очекуваат за неколку години. И без конкретна анализа или претпоставка какви бракови ќе се продуцираат од спојувањето на брачни другари од различни културни и социјални средини, тогаш не би требало да не чудат фрапантните бројки на контиуриран раст на разводи, како во градските така и во руралните средини. Но сега, фокусот на вниманието е како да се зголеми бројот на бракови по секоја цена, па дури истата да значи и покривање на пијалокот за свадба или лекарските прегледи и бањите во домовите!? Решенијата се поразителни?! И социологот Татјана Стојановска -Иванова смета дека ваквите решенија можат да бидат поразителни, па кога ќе се чујат во ваква форма се прашувате ако не смешни тогаш стануваат трагични. Еднократната парична мерка нема да го зголеми наталитетот ниту да има подолгорочно решение за подобрување на демографската состојба. “Постојат луѓе признати и познати кои се занимаваат со демографска политика како да се реши проблемот. Потребен е сериозен пристап на повисоко ниво. Има и други мерки како поволни кредити, вработувањее, стимулирање во сопствен бизнис. Треба да се обезбеди сатисфакција за граѓаните од страна на локалната сапоуправа и да обезбеди соодветна сатисфакција за образовниот профил кој го завршил нивниот граѓанин, да му дадат можност и стимулација да го задржат во местото на живеење. . Најголемиот број од нив не се решаваат да стапат во брак бидејќи немаат покрив над главата, немаат работа или можеби и услови кои ќе им овозможат пристоен живот, па од тука не сакаат да создадат дополнителен товар” вели Стојановска-Иванова. Проблемот е во лошата економска состојба Експертите проблемите за се помалиот број на склучени бракови и стравот од формирањето на семејства кај граѓаните, го лоцираат во лошата економска клима и невработеноста, несигурноста на работните места и лошата социјално-економска политика која продуцира несигурни и краткотрајни работни места, и законска регулатива која не го штити работникот, дополнета со скапата живеачка и ниските примања. Социјалната криза и проблемите во нашето секојдневие се заменуваат со стимулација за брак или раѓање на деца и формирање на семејство. Но, треба да се се направи разлика дали луѓето не се мажат и женат само поради тоа што немаат пари за свадба или се работи за подлабоки социјално-економски па и психолошки причини-смета професорката по психологија Верица Трајкова. “Опасноста од формирање на ад-хок бракови е најголема. Треба да им се понуди и да се направи нешто и за младите а и особено за оние кои имаат повеќе од 35 или над 40 години, а не се во брак да имаат услови и стабилни финансиски основи за да се одлучат на ваков чекор, особено кога живеат во помали места и помали можности. Ако општините размислуваат само во насока како да се зголеми бројот на бракови, да даде на едно место а да крати од друго целта не е постигната. Тогаш проблемот се мултиплицира, бидејќи треба да се инвестира во отворање на работни места, производство, технолошки развој и обезбедување стабилна иднина. На сигурни основи секој знае како да си го трасира патот. Посилна е одговорноста и функцијата како на оваа целна група да и се помогне во стимулација да вложуваат во себе, во образование, создавање на свој дом, вработување, а дури потоа да ги мотивирате да се омажат или оженат. Тоа би решило повеќекратно повеќе проблеми”-вели Трајкова. Мора да има и активни мерки за вработување Мерките кои како еднократна парична помош ги нудат дел од општините д а ги стимулираат граѓаните да стапат во брак или да оформат семејство се добри, но краткотрајни, вели д-р Сунчица Димитријоска, професор по социјална заштита од Институтот за социјална работа и социјална политика. Ако истите не се поткрепени со активни мерки за вработување, отворање на сопствени бизниси и вложување во иднината нема да го имаат посакуваниот ефект. “Јас не сум против вакви мерки и тие се добри како идеја , но не смеат да бидат само предложени и оставени сами за себе. Истите треба да се надградуваат бидејќи само така сметам дека ќе имаат каков-таков ефект. За одлуките неможе да се зборува бидејќи истите се индивидуални. Ако некој сака да се ожени ќе го направи тоа и сам ќе си направи пресметка, но некој можеби и ќе биде поттикнат на овој начин да го направи тоа. Потребни се економски проекти за нови работни места, самовработување и поволни кредити за сопствен дом и сл. Но како чекор да им се помогне барем за старт не е лошо” -вели д-р Димитријоска. Според последните мерења на статистика белата чума им се заканува на голем дел од општините каде наталитетот бележи континуитет на намалување . Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во третото тримесечје од 2013 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 3.2% и изнесува 6 285 живородени деца. Бројот на умрените лица во третото тримесечје од 2013 година бележи зголемување од 0.1 % во споредба со истото тримесечје од 2012 година и изнесува 4 599 лицe. Природниот прираст изнесува 1 686 лица, што значи дека за толку лица бројот на живородените деца е поголем од бројот на умрените лица. Последните податоци покажуваат дека во 31 општина имаа повеќе умрени од новородени жители. Статистичките мерења покажуваат дека се намалува и бројот на склучените бракови кој во ова тримесечје од годината е намален за 3.3% во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 4 358 бракови. С.Б.