04 Мај, 2024
0.0285

Светски ден на наставникот: Одговорна работа и изгубени вредности

Објавено во: Македонија 05 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Наставникот треба да биде пример за учениците, но и да е соодветно ценет и платен за вложениот труд. На светскиот ден на учителите - петти октомври,  просветните  работници потсетуваат дека нивната професија ја гледаат како предизвик кој носи одговорност, притисоци и проблеми,  па оттука сеуште  нерешениот статус на дел од наставниците,ниските плати,  стравот од високите казни и дополнителниот административен ангажман ги оддалечува наставниците од примарната воспитно-образовна задача. 

Професорот по германски јазик Стефан Симовски од ОУ”Лазо Трповски”  за Фактор вели дека  во текот на изминативе пет учебни години наставниот кадар се соочува пред се` со преобемна административна работа која директно влијае на квалитетот на наставниот процес. На  тој начин според него  наместо ученикот како субјект да биде во примарниот фокус на наставата и на часот како природен феномен на наставниот процес, сосема неприродно во преден план доаѓа фокусот на наставникот на административната работа.

” Целта на современиот наставен процес е токму во ставање акцент и поттикнување на креативноста на наставникот и ученикот во преден план како субјект во наставниот процес. Оттука наставникот наместо да биде креативец и единствен  креатор на наставниот процес, а наедно и на часот, тој за жал е принуден да се претвора во закоравен формалист и послушен извршител на обемни администравни задачи. Поради тоа наставникот денеска се` повеќе станува демотивиран за работа”- додава Симовски.

Реформите во образованието како што вели  беа направени и продолжуваат да се прават без сериозни консултации со стручната јавност. Ова според него го покажува и фактот што обемната анализа на реформите и суштинските  проблеми во основното и средното образование направена од Наставничкиот пленум  која беше  доставена пред две години до МОН покажа дека оваа институција надлежна за образованието остана целосно индиферентна на барањата на наставниците.

“Воведувањето на екстерното тестирање од самиот почеток беше проследено со контроверзи и предизвика низа проблеми. Министерството за образование и наука од причини што им се познати само ним уште во стартот отстапи од својот првичен концепт (што го најави тогашниот министер за образование Никола Тодоров и кој беше прифатлив за сите чинители вклучени во него). Неоспорно е дека екстерното тестирање го имаат голем број европски држави, но Република Македонија има единствен систем на екстерно оценување во светот. Имено, екстерното тестирање само по себе претставува формативен, а не сумативен начин на оценување. Тоа го знаат и го почитуваат сите земји кои го имаат воведено екстерното и кои го спроведуваат наниво на држава. Единствено во образовниот систем на Република Македонија ученикот добива годишна оценка по основ на едно единствено годишно екстерно тестирање и згора на тоа таа влегува во свидетелството, а со тоа и во вкупниот успех на ученикот”- објаснува професорот Симовски.

Цели пет години според него екстерното се сведува на обид за што поуспешно решавање на еден т.н. квиз-тест, за притоа оценката на наставникот да падне во втор план поради како што вели  ригидната политика на МОН поврзана со напредувањето во кариерата на наставникот. Па затоа екстерното наместо да помогне за подигање на квалитетот на образованието во практиката се сведе на судир помеѓу наставникот и МОН. За трагедијата да биде уште поголема според професорот, Уставниот суд цела година не се изјаснил по иницијативата на Наставничкиот пленум за оценување на уставноста на ваквото екстерно тестирање.

Реформите во образовниот процес меѓу кои  Кембриџ програмата, компјутер за секое дете, проектот бесплатни учебници наместо да ја оправдаат својата цел, според професорот донесоа контраефект во спроведувањето на наставниот процес.

“Кембриџ програмата претставува насушна потреба единствено на земјите кои немаат своја традиција во учебникарството. Во Република Македонија тоа не е случај. Република Македонија повеќе од педесет години има своја (веќе долга) традиција во учебникарството, па оттука воведувањето на Кембриџ програмата претставува брутална пресметка на МОН со учебникарите во нашата земја и рушење на угледот на македонското учебникарство.Проектот бесплатни учебници на прв поглед делува симпатично, но ситуацијата на терен е поинаква. Имено, дотраените и оштетени учебници требаше да бидат заменувани на секои три години, а сведоци сме дека учебници по одделни предмети не се преиздадени полни шест години. Учениците се принудени да учат од искинати и оштетени учебници. Голем пропуст е тоа што МОН се јави како издавач. Во случај книгоиздателставата да останеа издавачи на учебници товарот на одговорноста ќе паднеше врз нив и ќе мораа навремено да ги заменат дотраените и оштетени учебници што сега не е случај.Проектот компјутер за секое дете првично беше воведен за потребите на ИКТ во наставата, но компјутерите веќе застареа и речиси се неупотребливи во наставниот процес. Спектакуларно најавуваниот проект таблет за секој ученик се уште не се реализираше”- нагласува професорот по германски јазик.

Проблемите во образованието вели се продлабочија бидејќи не постои  сериозен дијалог помеѓу сите чинители во овој процес при воведувањето на реформите и поради фактот што  не е консултирана стручната јавност. Па оттука констатира дека наставниците останале  затечени од нив, а нивното спроведување во практиката предизвика конфузија, несогласувања и недоразбирања.

“Самото брзање во нивното спроведување се сведе на пресметка на наставниците со Државниот просветен инспекторат (еден од најсуптилните примери за тоа е воведувањето на Е-дневникот и екстерното тестирање). Воведувањето на вака неприфатени реформи од страна на засегнатите е контрапродуктивно”- додава професорот Симовски. 

Дополнителен проблем според него се силните политички и партиски влијанија во секторот образование. Раководните лица се бираат по партиска книшка а не поквалитет, искуство и знаење. Така се стигнува и до работно место.

“Се разбира дека со самиот избор за директор на училиште преку потесни партиски влијанија претставува сериозен удар за слободното и непосредно право на избор на училишните одбори. На тој начин партиите имаат извесно влијание. Целосната департизација треба да почне со професионализација на оваа јавна функција, а тоа подоцна ќе резултира со поквалитетно менаџирање во училиштата. Потребно е целосно ослободување на образованието од мешањето на одделни партиски структури во него”- вели професорот.

Досега наставниците и професорите неколкупати излегоа на протести, поради ниските плати, условите за работа, притисоците, имаше и безуспешни синдикални протести од кои последиците сеуште  ги трпат најгласните кои се бореа за своите права.Законот за штрајк  според него нанесе голема штета на фелата. Оттогаш наставниците како што вели не гледаат можност да бидат заштитени ни од страна на училишните менаџери, ниту од синдикатот.

“Платите во образованието се замрзнати со години, а наставниците се демотивирани. Преобемната административна работа доведува до губење на квалитето на наставата. Ова впрочем го покажа и последната референтна студија според која македонското образование е меѓу последните во Европа, но и на Балканот. Само за споредба пред нас се сите поранешни југословенски републики, сега самостојни држави”- додава Симовски.

Предвремените парламентарни избори вели професорот  се тест не само за актуелните властодршци, туку и за програмите што ги нудат опозициските партии. Во образованието има околу 30 000 вработени, па според него  треба да се очекува фокусот на партиите да биде и во креирањето на поквалитетна образовна политика, а со тоа и на поквалитетно образование. Сосема е логично дека фер и демократски избори на 11 декември се императив, па оттука потенцира дека  иницијативите на Наставничкиот пленум покажале  дека наставниците правовремено се разбудиле и дека како засегната страна ќе се залагаат за подобрување на условите за работа, а со тоа и на образовниот процес во целост. 

С.Б.

Можеби ќе ве интересира

ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ: Не се знае колку степени беше, но дел од граѓаните велат бил значително силен

ЗЕМЈОТРЕС ВО СКОПЈЕ: Не се знае колку степени беше, но дел од граѓаните велат бил значително силен

ДВЕ ЛИЦА ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: едно лице е хоспитализирано

ДВЕ ЛИЦА ЗАГИНАА ВО СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: едно лице е хоспитализирано

ГИ ИЗГРИЗАЛО КАБЛИТЕ ЗА ИНТЕРНЕТ - куче кое пропаднало во шахта ги остави без мрежа „Филип Втори“ и „Букурешт“

ГИ ИЗГРИЗАЛО КАБЛИТЕ ЗА ИНТЕРНЕТ - куче кое пропаднало во шахта ги остави без мрежа „Филип Втори“ и „Букурешт“

СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: сообраќајот е во прекин

СООБРАЌАЈКА НА ПАТОТ РАДОВИШ - ШТИП: сообраќајот е во прекин

ЕЛЕКТРИЧЕН СТОЛБ ПАДНА НА ПАТОТ ГОСТИВАР - КИЧЕВО: кабли распослани по улицата, сообраќајот во прекин

ЕЛЕКТРИЧЕН СТОЛБ ПАДНА НА ПАТОТ ГОСТИВАР - КИЧЕВО: кабли распослани по улицата, сообраќајот во прекин

ЕНОРМНО ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЛАТИ ЌЕ СЕ ВРЗАТ ЗА МИНИМАЛНАТА: Најчевска најавува „чистење“ преку укинување на бенефициите, еве што објави

ЕНОРМНО ЗГОЛЕМЕНИТЕ ПЛАТИ ЌЕ СЕ ВРЗАТ ЗА МИНИМАЛНАТА: Најчевска најавува „чистење“ преку укинување на бенефициите, еве што објави

ЌЕ СЕ СЛЕДАТ ТРАНСАКЦИИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИ, ОБВИНИТЕЛИ, БИЗНИСМЕНИ КОИ РАБОТАТ СО ДРЖАВАТА - еве што најави Димитриеска Кочоска

ЌЕ СЕ СЛЕДАТ ТРАНСАКЦИИТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИ, ОБВИНИТЕЛИ, БИЗНИСМЕНИ КОИ РАБОТАТ СО ДРЖАВАТА - еве што најави Димитриеска Кочоска

Стопанска комора: Избрзана, непазарна одлука за авто осигурувањето

Стопанска комора: Избрзана, непазарна одлука за авто осигурувањето

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА УПРАВИТЕЛ И ДИРЕКТОР НА ЈП ПАЗАРИ БИТОЛА - злоупотребиле над 20 илјади евра

КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА УПРАВИТЕЛ И ДИРЕКТОР НА ЈП ПАЗАРИ БИТОЛА - злоупотребиле над 20 илјади евра