Тачи и Рама разговарале за бришење на границата, но ја сакаат и Прешевската долина
Објавено во: Балкан 08 Мај, 2019
Се спомнува идеја за бришење на границата меѓу Косово и Албанија.
Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој престојува во Тирана каде ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи утре во Тирана, попладнево се сретна со албанскиот премиер Еди Рама.
Тачи на Фејсбук напиша дека со премиерот Рама зборувале за потребата од целосно отворање на косовско-албанската граница . Тие сакаат создавање „еден албански простор без граници, под евроатлантскиот чадор“.
Зборувале и за „корегирање на историските неправди“ и припојување на Прешевската долина кон Косово.
„На оваа средба ја покренавме потребата да ги корегираме историските неправди со обединување на албанскиот фактор околу сензибилизирање на правото за припојување на Прешево, Медвеѓа и Бујановац со територијата на Република Косово“, напиша Тачи.
Тачи веќе се сретна со албанскиот претседател Илир Мета, а се очекува да се сретне и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.