Таткото на Алберт Муслиу градел зграда кај Клинички повисока од дозволеното
Објавено во: Македонија 14 Март, 2023
Таткото на аналитичарот Алберт Муслиу гради станбен објект спроти Kлиничкиот центар во Скопје, во тесните улички преку Водњанска, кој важи за пренатрупан дел од градот, а покрај тоа зградата, надвор од прописите, има втор потпокрив, пишува „Призма“.
Објектот го гради фирмата „Прагматика“. Сопственик на фирмата е пензионираниот наставник од Гостивар, Гафур Муслиу, инаку татко на Алберт, кој, пак, од 2012 не фигурира во документите на компанијата-инвеститор.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, без да споменува имиња, веќе објави дека инспектор од Општина Центар на двапати пишувал решение за уривање, меѓутоа објектот не се урива и продолжува да се гради.
„Уште мајсторите им пуштаат предизвикувачка музика на околните граѓани дека законот ништо не им може. На што личи тоа? Срамота!“, изјави Ивановска.
Инспекторот, во два наврати извршил надзор и заклучил дека зградата е повисока и во одредени делови поширока од дозволеното, но решенијата за уривање паѓаат. Во извештаите на градежната инспекција, како претставник на „Прагматика“, е наведено името и на Алберт Муслиу.
Самиот Муслу изјавил за „Призма“ дека го известил инспекторот дека нема врска со таа фирма. Градежниот инспектор, во два наврати извршил инспекција и заклучил дека зградата е повисока и во одредени делови (еркерите) поширока од дозволеното, но решенијата за уривање паѓаат на второстепена комисија каде што инвеститорот се жали.