21 Август, 2017
0.1455

Тензичен Илинден

Објавено во: Анализа 01 Август, 2017

Прославата на 2 август еден од најсветлите и најгордите празници во Македонската историја годинава нема да биде повод за обединување на различните политички опции барем за еден ден кога се одбележуваат повеќе значајни историски моменти. Главните причини кои засега предизвикуваат револт, особено кај опозицијата е потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија кој треба значајно да ги подобри односите меѓу двете земји и да донесе целосна поддршка од источниот сосед за евроатлантските аспирации на земјава. 

Исто така се проблематизира непотребно и обраќањето на претседателот на Собранието Талат Џафери за Илинденската прослава во Крушево на Мечкин камен. Џафери сепак, ја извршува една од највисоките државни функции и кога веќе премиерот и претседателот на државата се „резервирани“ со други активности сосема очекувано е собранискиот спикер да ја има честа и привилегијата да го честита празникот. Веќе добро познатите „патриотски“ здруженија шират говор на омраза против Талат Џафери поради неговото учество во воениот конфликт во 2001-ва, но да потсетиме истиот беше и министер за одбрана во претходните влади на Никола Груевски па тоа не беше закана за прослава на државните празници каде токму одбраната и армијата завземаат значајна улога. 

ВМРО-ДПМНЕ дури и ги повика своите членови да не учествувале на прославите и собирите организирани од страна на владата на СДСМ како однапред да знааат дека се подготвува негативна атмосфера која може да резултира дури и со инциденти. 

- ЦК на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука јавно да ги повика членовите и поддржувачите на партијата овој пат да се воздржат од присуство на настаните кои ги организира Владата на СДС, а со цел да не бидат со умисла и со подготвено сценарио испровоцирани и навлечени на реакција, а потоа и обвинети дека предизвикале инцидент или насилство, велат од ДПМНЕ и посочуваат дека тие самите ќе оддадат почит на соодветен начин.

Во моменти кога политичката тензија во Македонија се намали драстично во споредба со настаните пред и по 27 април сосема неразбиливо е зошто се враќа старата реторика која врши поделба на предавници и патриоти и врши огромни поделби меѓу македонското ткиво, наместо да се размислува за обединување и изнаоѓање на заеднички јазик, како и унапредување на меѓународните позиции на Република Македонија која како земја која не е членка на ЕУ и НАТО секако е во потешка состојба во однос на соседите. 

Компромиси се неопходни за да се работи на идниот развој на земјата, но доколку одвнатре се користи секоја прилика за политичка дискредитација нема големи надежи за просперитет без оглед на надворешната интеграција. Секако, нови инциденти и судири не се во ничиј интерес, а најмалку на македонскиот народ кој треба достоинствено и гордо да го прослави Илинден.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Кој најмногу ќари, а кој изгуби од македонските спортски обложувалници?

Кој најмногу ќари, а кој изгуби од македонските спортски обложувалници?