Термални монитори низ градот за заштита од коронавирусот - кинескиот град Вухан во изолација
Објавено во: Свет 23 Јануари, 2020
Денеска сите ја очекуваат одлуката на Светската здравствена организација, дали ќе воведе меѓународна вонредна состојба поради коронавирусот.
Досега од овој вирус се починати 17 лица, а стотици се заразени. Директорот на СЗО, Тедрос Адханом, вчера во Женева имал состанок со експерти од организацијата, по што изјави дека сериозно размислува да се донесе одлука за вонредна состојба. Но, за тоа ќе ги почека последните сознанија и анализи, за да може да го определи конечниот став.
А кинеските власти, пак, 11 милионскиот град Вухан го ставаат во потполна изолација. Таму веќе не функционира јавниот превоз, автобусите, траектот и подземната железница а затворен е и тамошниот аеродром. На сите жители им е наложено да не ги напуштаат своите домови. Интересно е што низ градот се поставени термални монитори преку кои се идентификуваат лицата со зголемена телесна температура.
Адханом изјави дека мерките што ги презема кинескиот град Вухан, покажуваат посветеност за намалување на ризикот на локално и меѓународно ниво.
„Она што тие го преземаат е многу силна мерка и тоа го прават со целосна посветеност. Многу е значајно што тие преземаа активности за кои сметаат дека се соодветни со оглед на ситуацијата“, рече Аханом. „Ние им нагласивме дека со преземање на одлучна акција не само што ќе ја контролираат епидемијата во својата нивната земја, туку и ќе ги намалат шансите оваа епидемија да се прошири на меѓународен план. Тие го сфатија тоа“, рече првиот човек на СЗО.
Северна Кореја привремено ја затвори својата граница за сите странски туристии а на Филипини, Хонг Конг, Тајван и во Јужна Кореја има карантин, а и Велика Британија објави дека ќе го засили надзорот на сите лица кои во државата пристигнуваат од кинеската покраина во која се наоѓа градот Вухан.
Од Институтот за јавно здравје вчера изјавија дека ќе достават до аеродромот во Скопје материјали наменети за патниците, со предупредување доколку се патува во Кина да се избегнуваат пазари каде што има живи, домашни и диви животни и да се избегнуваат блиски контакти со луѓе кои имаат респираторна инфекција.