27 Април, 2024
0.3293

Тоше Проески и/или Боб Дилан

Објавено во: Колумни 17 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

На 16-ти октомври 2007г. на пат за Загреб кај местото Нова Градишка загина македонскиот поп-пејач Тоше Проески. Три дена пред овој датум, но во 2016г. Шведската академија, поточно Сара Данјус (постојан секретар во Шведската академија) го објави овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за литература – исто така поп-пејач Боб Дилан. Наградата ја заслужил „за создавање на нов поетски израз во рамките на големата американска традиција.“ Еден мој пријател на ФБ напиша статус: „Доколку во светов српско-хрватскиот јазик беше како што е англискиот јазик, Дино Мерлин сигурно ќе добиеше Нобелова награда за литература!“ Не знам за Дино, но во овој текст сакам малку да си поиграм со сличен наратив, ризикувајќи да бидам осуден дека премногу лесно влечам аналогии и несоодветни заклучоци.

Оние кои барем и малку се упатени во поезија секако ќе знаат дека Нобеловци за литература, меѓу другите големи имиња, се и следниве, на пример: Марио Варгас Лоса, Дорис Лесинг, Орхан Памук, Харолд Пинтер, Гинтер Грас, Дарио Фо, но и Шимборска, Маркез, Неруда, Солженицин, Андрич и Сартр...Уште поинтересно е на пример, пак, да се знае кој не добил Нобелова награда за литература. Меѓу тие „несреќници“ ќе сретнете великани од типот на Л. Н. Толстој, Марсел Пруст, Џемс Џојс, Вирџинија Вулф, или пак Борхес или Набоков. Во светло на оние што не добиле Нобелова, името на Боб Дилан станува дополнително контроверзно.

Веројатно секој од нас знае доста за Тоше, но многу малку за Боб Дилан. Затоа, со Тоше ќе се позанимавам на крајот од оваа колумна, најпрвин накратко за лауреатот Дилан. Боб Дилан (или Робер Цимерман) е роден 1941 година во Минесота, САД и навистина е една од најважните фугури во поновата американска, а со тоа и светска поп-култура. Шеесетите години во САД, но и во цел свет се навистина години на пресврт, години на бунт, години на надежи и очекувања. Во темелот на сите нив беше Боб Дилан. Тој се етаблираше како светска ѕвезда токму во овој период. Тој беше носител на Немирот на младата Америка, а неговите песни станаа силни симболи на тој немир. Особено во првите песни тој се промовира како поет на новата, млада, бунтовна Америка. Песните „Blowin` in the Wind“, како и „The Times They Are a-Changin“ стануваат химни на анти-воените, пацифистичките и движењата за граѓански права во САД.

Инспириран од кантри музиката, блузот, госпелот и воопшто американската фолк традиција, тој создава уникатен звук уште во првиот албум од 1962, иако на истиот има само две негови, оригинални песни. Веќе со вториот албум тој отвора „тотална војна“ со актуелната култура. Иако и во овој и во следните албуми останува верен на традицијата. Така, првата композиија од албумот Freewheelin, популарната Blowin` in the Windе на основа на фолк-темата за ропството No More Auction Block, исто како и песната A Hard Rain`s gonna fall која е на основа на фолк-баладата Lord Randall. Но, независно, текстовите се негови и во нив веќе јасно е исцртан бунтот против постојниот социјално-политички естаблишмент, во кои се преиспитува и критикува актуелниот поредок. Тоа ќе дојде до целосен израз во третиот албум The Times They Are a-Changin (1964), на кој има само негови композиции, целосно посветени на социјално-политички теми.

Текстовите во кои се забележливи политичките, социјалните, но и литературните и философски димензии, се неговиот најголем придонес во современата поп-култура. Поточно, со тогашната критика на актуелната култура, творештвото на Дилан се етаблира како своевидна контра-култура. Ако има „школски“ пример за тоа што е контра-култура, тоа е примерот на Дилан. Тоа е веќе доволно Боб Дилан да стане своевидна икона на отпорот и протестот. Се разбира, како што обично бидува, таа контра-култура, жилавоста на американскиот либерализам и капитализам, успева да ја „апсорбира“ и од бунт и алтернатива, да ја претвори во „мејнстрим“ доделувајќи ù ги сите признанија: од Греми, преку член во Куќата на славните, до Нобелова награда за литература.

Несомнено е значењето на Дилан како музичар и тоа како социјално ангажиран музичар кој веруваше во еден подобар свет и се бореше за него. Но Дилан како поет!? Еве, ќе ви пренесам неколку стихови од неговата „поезија“ во мој слободен превод, па вие оценете. Еве, на пример, една строфа од една од повлијателните, веќе споменатите композиции The Times They Are a-Changin:

Дојдете мајки и татковци

Од целата земја

И не го критикувајте

Она што не го разбирате

Вашите синови и ќерки

Се надвор од ваша команда

Вашиот стар пат

Забрзано старее

Ве молиме излезете на нов

Ако не можете да податете рака

За времињата кои се промена

Или една која директно ги критикува политичарите и агентите на војната - Masters of War:

Дозволете да ве прашам

Дали вашите пари се толку добри

Дали ќе ви купат прошка

Дали мислите дека можат?

Кога вашата смрт по своетоќе дојде

Сите пари што ги спечаливте

Нема да можат душата да ви ја искупат

И секако, „мега-популарната“ Blowin’ in the Wind:

Колку ли патишта човек мора да помине,

пред да го наречат човек?

Гулабите над колку вода да прелетаат,

за да ги свијат крилјата од умор?

Колку ли пати ќе треба да летаат проектили,

за да бидат забранети во целиот свет?

Одговорот со ветрот се носи,

со ветрот, пријателе, лета.

Колку пати ќе треба да кренеш очи,

за да го видиш небото горе?

Колку пара уши на човекот му се потребни

за плачот на болката да го чуе во просторот?

Колку пати кога смртта ќе ја сретнеш, ќе знаеш

дека гинат многу луѓе во светот?

Одговорот со ветрот се носи,

со ветрот, пријателе, лета.

Колку години може да постои планината

пред да биде поплавена од океанот?

Колку пати намерно човекот врти глава,

преправајќи се едноставно дека не гледа?

Колку ли време невините ќе чекаат

слобода да добијат сон?

Одговорот со ветрот се носи,

со ветрот, пријателе, лета.

(превод М.Г.)

Дали ова се оквалификува како поезија достојна за највисокото признание во светот за литература - Нобелова награда? Ако комитетот при Шведската академија оценил така, веројатно нема сомнеж. Јас, сепак, за да ја засилам позицијата и компарацијата со која го започнав овој текст, ќе ви понудам уште неколку стихови, овој пат од Тоше Проески. Еве едни на англиски, од песната Don't Hurt The Ones You Love:

Don't you hurt the ones you love

Don't you hurt the ones you love

Eventually

Like a bullet from a gun

Some things can never be undone

So easily

With words you never said

Or said but never meant

Just as sure as stars above

You're gonna hurt the ones you love

Еве и на макдонски од композицијата Полско цвеќе:

Полско цвеќе млад нека ме покрие

Душа нек ми љубат облаци

Кога нејќеш ти

Или веќе добро познатите стихови од песната Цреша:

Кога морав да одам им реков:

Сè што имам и куќа и нива

Нека земе што му треба секој

Но, црешата да ја најдам жива

Што е тоа во луѓето тажно

Што живеат во животи туѓи

Кој во моето минато плови

Сосем мирно и без да се срами

Дали овие стихови на Тоше Проески се поезија? И тоа не знам. Дополнително, во овој случај веројатно тешко ќе ги оцениме како поезија, оти не се верификувани како такви од комитетот за Нобелова награда. Се разбира, стиховите на Тоше не се негови, за разлика од оние на Дилан кој се јавува како кант-автор. И компарацијата во таа смисла е крајно несоодветна. Но оваа аналогија има друга цел. Имено, јас навистина не знам дали е поезија и не можам да ја „верификувам“ како таква, ниту едната, ниту другата. Она што знам, е дека уште додека Тоше беше жив, чувствував дека тој човек и пејач во себе го носеше никулецот на античкиот идеал на калокагатија. Ако Бог го поживееше, верувам дека тој никулец ќе изртеше во совршенството што само спојот на убавото и доброто може да го даде. Уште еднаш, можеби ризикувам да влечам прелесно аналогии и да донесувам пребргу заклучоци и секако од сентименталност да преувеличувам, но ако може да се даде конкретен, жив пример за тој антички идеал на спој на убавото и доброто, тогаш потенцијалот за тоа го носеше Тоше Проески.

Не знам дали стиховите на Дилан и Тоше се поезија. Но, знам што поезија сум читал јас. Во таа што сум ја читал, има еден стих кој целосно се однесува на тој идеал на калокагатија олицетворен во Тоше Проески. Таа поема на Гане Тодоровски се вика Еден човек, која вака пее:

Има еден има еден

Многу многу многу човек –

Белки цело човештво?!

Чунки живо божество?!

Има еден има човек

Од човека почовек е:

Прецедена човештина!

Препечена убавина!

И мислам дека тука е таа квинтесенција на калокагатија: во човештината (доброто) и убавината: токму во тој „исцедок“ од човештина и „препечената“ убавина, а и обете ги носеше Тоше. А мене, тој внатрешен раст кон идеалот на калокагатија ми е далеку помил од надворешниот бунт кон промена на светот. Оти овој свет, драги мои, отсекогаш бил и ќе биде, долина на плачот, а промената била и секогаш ќе биде во нас.

На Тоше Проески

Д-р Трајче Стојанов


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД