Трамп го замоли Ердоган да не напаѓа американски војници во Сирија
Објавено во: Свет 25 Јануари, 2018
Американскиот претседател Доналд Трамп упати повик до Реџеп Таип Ердоган да преземе се што е во негова моќ за турската армија да биде внимателна во операцијата која ја води во курдскиот дел на Сирија со цел да не ги нападне американските војници кои таму се уште имаат операции.
Во телефонскиот повик Трамп го замолил Ердоган да ја ограничи воената акција во Африн со цел да не дојде до судир меѓу турската и американската војска, две сили кои се сојузници во НАТО.
Ердоган најверојатно нема да го послуша Трамп и планира уште повеќе да ја прошири воената операција наречена „Маслиново гранче“ со тоа што турската армија ќе навлезе и во Манбиџ што е уште една курдска енклава во Сирија.
Власта на Сирија предводена од претседателот Башр ал Асад воената операција на Турција ја нарече агресија, додека пак Русија ги повика сите инволвирани страни да ги прекинат насилствата, да го почитуваат територијалниот интегритет на земјата и да работат на мирно решение.
Главната грижа на Турција е дека добро вооружените курдски борци по завршувањето на битките со ИСИС ќе побараат автономија или пак ќе се отцепат од Сирија па таквиот конфликт ќе се прошири и во курдските енклави на нивната територија и во Ирак.
Ердоган реши воено да интервенира откако Стејт Департментот на САД направи огромна конфузија тврдејќи дека сириските борци ќе штитат дел од границата што Турција го сфати како формирање на нова силна воена структура составена од околу 30.000 курди.
Х.С.