26 Април, 2024
0.0272

Трамп и Путин пред втора средба

Објавено во: Колумни 03 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Виетнам од 6 до 11 ноември ќе биде домаќин на Самитот на членките на Азиско-тихоокеанската економска соработка. Најавено е учество на лидерите на 21 држава од ааизско-тихоокеанскиот регион. Меѓу нив и на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.

Самитот ќе се одржува во Да Нанг, градот во кој што се наоѓаше најголемата воено-воздухопловна база на Американците за време на Виетнамската војна, која тие мораа да ја напуштат пред налетот на борците на Виетконг и еден од симболите на американскиот пораз во таа војна. Денес тоа е град со развиена поморска инфраструктура, но и со привлечни туристички понуди.

Токму овој град може да биде местото каде што ќе се одржи втората средба на Трамп и Путин. Првата се одржа во јули годинава во Хамбург на Самитот на Г20. Иако се шпекулираше дека до неа нема да дојде или дека ќе се сретнат на маргините, тие седнаа и разговараат подолго од два часа. На дневен ред, според изјавите, беа Сирија, Украина, меѓународниот тероризам, наводните хакерски руски напади во претседателското предизборие во САД...Од тогаш, почетокот на јули, па до денес, се случија многу работи, кои наместо да доведат до затоплување на односите на двете држави доведоа до уште поголемо нивно влошување.

Официјална потврда за нова средба се уште нема, но се чини двете страни работат на нејзино усогласување, иако во последен момент може да се случи до неа да не дојде. Трамп во Да Нанг ќе биде на 10 ноември. Во Русија велат дека работат на графикот на сите  билатерални средби, додека од САД доаѓаат изјави дека се’ уште не е јасно дали ќе дојде до таква средба. Се повторува играта од пред Самитот на Г20 во Хамбург. Можеби затоа и треба да се верува дека сепак ќе има средба.

Што можат да си кажат двата претседатела? Трамп најверојатно одново ќе го покрене прашањето за Сирија со оглед на ситуацијата таму. Исламската држава е пред пораз и најверојатно ќе треба да се разговара за иднината на таа држава. Таму работите, односно интересите на САД и Русија мора да се разјаснат на време, зашто има многу играчи, многу оружје, па не се исклучува работите да добијат и некој несакан тек. Некои велат да дојде до отворен судир меѓу САД и Русија, преку нивните сојузници на теренот. Што би значело и нов воен вител во земјата. Токму за Сирија најмногу, вчера телефонски разговараа министрите за надворешни работи на Русија и САД, Сергеј Лавров и Рекс Тилерсон. Според официјалното соопштение на руското МНР разгледани се „аспекти од руско-американските односи и распоредот на претстојни двострани контакти“. Може тука да се впише и средбата на врвот. 

Втора важна точка е Украина. После средбата во Хамбург, Американците го назначија Курт Волкер за специјален претставник на САД за Украина. Ова назначување сигурно е со амин на Путин, бидејќи Русија за такво нешто и не мораше да размислува кога веќе постои „Нормандската четворка“ која ги подготви Минските договори, а во која покрај Русија се и Германија, Франција и Украина. Влегувањето на САД во разрешување на украинската криза ги фрла донекаде во сенка Минските договори и значи нивно релативизирање. Ова особено ако се има предвид приодот на Волкер во разговорите со неговиот руски колега Владислав Сурков и барања за некакви нови модалитети за спроведување на тие договори. Но истовремено значи и дека Европа не е способна да решава значајни прашања сама кога наспроти себе ја има Русија. Попрецизно, без САД нема решавање на поголеми регионални кризи, а да не зборуваме глобални. Путин и Трамп најверојатно ќе ги искористат резултатите од досегашните средби на Волкер и Сурков и ќе понудат некакво решение, се разбира доколку последниве двајца усогласиле нешто или виделе дека има простор за продлабочување на соработката околу Украина. Тоа, што на многумина во Украина, освен врвот од власта, не им се допаѓа да се водат разговори за неа без нејзино присуство во моментов како да нема некое големо значење за главните играчи. Дури и на Франција и на Германија како да им олесни американското вклучување во решавањето на кризата во Украина.

Пред средбата во Хамбург, американските медиуми притискаа врз Трамп да го праша Путин за наводното мешање на Русија во претседателските избори. Трамп праша и доби очекуван одговор од прва рака. Русија ниту се мешала,ниту имала намера да се меша. Со оглед на она што сега се случува во САД со таканаречениот случај „Рашагејт“ Трамп ќе мора одново да го постави истото прашање. Но секако ќе го добие и истиот одговор. Специјалниот обвинител Роберт Милер му го загорчува претседателствувањето и тој бесен твитнува да се фатат со работа околу Хилари Клинтон, а не со неговиот краткотраен шеф на изборен штаб, Пол Манафорт, кој е и официјално обвинет по 12 точки, но не и за соработка со Русија околу изборите.

Нема да се одминат и темите за Иран и Северна Кореја. Вчера Путин имаше телефонски разговор со францискиот претседател Емануел Макрон на која е констатирано дека еднострани потези против договорот со Иран за неговата нуклеарна програма се неприфатливи. Згора на тоа завчера Путин имаше средба со ајатолахот Али Хамнеи на која прозвучи предлогот за излоација на САД. Што се однесува до Северна Кореја Американците се јавуваат со воинствени повици и барања од Русија да влијае врз таа држава. Русија ги спроведува сите санкции на СБ на ОН кон неа, но истовремено нема намера да ги расипува односите. Можеби Трамп ќе има посебни и нови барања за овие две држави.

Двата претседатела секако нема да ги одбегнат и прашањата кои најмногу ја засегаат Русија. Пред се американските санкции кон Русија. Не поминаа два месеца од средбата во Хамбург, а Трамп мораше да потпише закон со кој санкциите уште повеќе се заоструваат и удираат врз економскиот развој на Русија. Во Хамбург Трамп му се жалел на Путин дека многу од државите присутни на Самитот Г20 се одговорни за дефицитот во трговскиот биланс на САД од 800 милијарди долари. Путин додал дека Трамп зборува за праведност во меѓународната трговија, но за каква праведност може да се зборува во ситуација кога се воведуваат финансиски и трговски ограничувања. Секако во прв ред мислејќи на американските санкции кон неговата земја.

Рускиот претседател е свесен дека во сегашната ситуација Трамп не му е многу од помош. Антируската хистерија во САД удира директно врз Трамп и секој негов знак дека ќе и „попушти“ на Русија само ќе му се врати како бумеранг дома. Русите постојано зборуваат дека се’ она што сега се случува во односите со САД се директна последица и наследство кое што претседателот Барак Обама му го оставил на Трамп во последните денови од претседателствувањето. Последиците се видливи. Згора на тоа американското општество е поделено како никогаш досега. Тоа не може да се рече за Конгресот и Сенатот, кои се обединети само околу Русија, но и тие не се моќни да ја спречат поделбата во општеството. И војната на Трамп со медиумите не стивнува. На повидок е и војна со медиумите, руски во САД и американски во Русија. Пропагандата се засилува од обете страни. Доколку „Русија денес“ и Спутњик во САД мораат да се регистрираат како странски агенти, тоа ги очекува и Гласот на Америка и Радио слободна Европа во Русија.

Ако дојде до средба на Трамп и Путин тие ќе имаат многу работи за дискусија. „А што рекоа за Македонија“ ќе прашаат оние во државава за кои таа е центарот на светот. Толку ги боли глава за Македонија што не можат да спијат од таа болка.

Шегата настрана, ама Трамп од денес заминува на десетодневна турнеја во Азија. Сигурно ќе се врати од таму со уште некој договор за продавање оружје, како што беше по посетите на Саудиска Арабија и Катар. За тоа барем мора да му се оддаде признание.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД