ТРАМП СО НОВА ЗАКАНА ЗА ЕВРОПА: „Ако нема договор, ќе има царини на автомобилите“
Објавено во: Свет 22 Јануари, 2020
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно и се закани на Европската унија, велејќи дека доколку не се постигне договор меѓу САД и ЕУ, Америка ќе наметне данок од 25 проценти на увозот на автомобили од Европа.
- Потешко е да се преговара со Европската унија отколку со некој друг. Тие ја користат нашата земја со години - изјави Трамп за „Фокс њуз“ во Давос, каде е во тек Светскиот економски форум.
Тој ја повтори својата закана за царините.
На крајот, ќе биде многу лесно, бидејќи ако не можеме да постигнеме договор, ќе мора да ставиме 25 проценти данок на нивните автомобили - рекол тој.
Претходно, американскиот министер за финансии Стивен Мнухин, предупреди дека Вашингтон ќе наметне царини за увозот на автомобили од ЕУ, ако Европејците продолжат да инсистираат на предложениот дигитален данок, насочувајќи се претежно на американските технолошки гиганти како Гугл, Епл, Фејсбук и Амазон.
- Ако тие сакаат произволно да наметнат данок на нашите дигитални компании, ние ќе ги разгледаме и произволните даноци на нивните автомобилски компании, рече Мнухин на форумот во Давос.
Претходниот ден, Трамп одржа говор во кој се пофали за американската економија и постигнувањето договор со Кина, со кој со месеци беше во трговски конфликт.