27 Април, 2024
0.0266

Трошоците растат, раноградинарското производство неконкурентно!

Објавено во: Агробизнис 19 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Проблемите со кои со години се соочуваат производителите на градинарски култури, кулминираа и може сериозно да и наштетат на оваа извозна оринетирана гранка, предупредуваат од Групацијата на производители на оранжериски производи при Стопанската Комора на Македонија. Нерешениот статус со земјиштето на оранжериите, високата цена на мазутот и надоместокот за експлоатација на геотермални води, наспроти ниските ниските субвенции, се клучните проблеми на производителите на раноградинарски култури. Документација имаат, но статусот со земјиштето тапка во место Од Групацијата велат дека и покрај валидната документација издадена од надлежни органи за изградба на објектите, статусот со легализација на земјиштетото сеуште не се решава. Дополнително со последните измени во Законот за земјоделско земјиште, наместо да се реши проблемот се направи поголема забуни и големо финансиско оптеретување за производителите. -Во Законот се говори за начинот на регулирање на бесправно изградени објекти, односно бесправно изградените оранжерии. Постапувањето по овој закон би значело и за оние оранжерии кои се изградени во согласност со Законот прифаќање дека нивните објекти се дивоградби. Непостапувањето по Законот, за сопствениците на оранжериите би имало последици наведени во истиот. Потврдувањето на состојбата се врши со записник од комисија формирана од локалната самоуправа, а сопствениците се должни да платат по 10 денари за м2, при што не е дефинирано дали се работи за површина само под стакленици или за целото земјиште како технолошка целина. Сумата е превисока и за една стандардна оранжерија од 12 ха, сметано по 10ден/м2 треба да се платат 1.200.000 денари, или приближно 20.000 евра. Притоа, уште еднаш се напоменува дека не станува збор за плаќање на трансформирано земјиште , откуп на земјиште или каква и да било друга сопственичка промена или закупнина, туку станува збор за плаќање за изготвување на записник (административен акт) за потврдување на фактичката состојба, што комисијата може да го изработи најмногу за 2 до 3 дена, вели Васко Ристовски од Стопанската Комора на Македонија Ваквиот нерешен статус на земјиштето, е голема кочница за производителите на раноградинарски култури, бидејќи без легализирано земјиште немаат право да конкурираат за ИПАРД програмата, за модернизација на орнажериите, инвестиции, како и олеснување на комуникацијата по економски основ со доверители, државни институции и со деловните банки. Скапите енергенси ги прават неконкурентни раноградинарските производи Овој период од годината е најтежок за производителите на раноградинарски култури, години назаназад високата цена на мазутот во зимскиот период го кочи оранжериското производство. Учеството на мазутот во вкупните трошоци континуирано се зголемува како последица на зголемувањето на цената на мазутот, така што во периодот 2009-2013 година, цената на мазутот е зголемена за  249 %. Во производствените трошоци мазутот учествува со 70%. Производителите бараат Агенцијата за стоковни резерви да им обезбеди мазут во периодот на грејната сезона се оптоварени со многу трошоци, а немаат реализација (декември - март), а плаќањето на мазутот да го вршат во периодот на зголемена продажба, односно во периодот април-јуни. Со тоа ќе им се помогне на производителите да започнат со производниот циклус за право зимско-пролетно производство, при што ќе имаат можност за одржување на тековна ликвидност во најкритичниот период и избегнување на големите банкарски камати за краткорочни задолжувања за набавка на енергенси. -Производителите на раноградинарски култури (зимско-пролетно производство) се доведени во ситуација комплетно да го изменат производниот циклус. Имено, наместо производство на раноградинарски култури во зимско-пролетниот период (кое производство е интересно во делот на извозот), тие се ориентираат на подоцнежно производство, со што понудата на пазарот се поклопува со понудата од пластениците и вака енормно зголемената понуда има негативно влијание на доходовноста и на оранжериското производство, но и на  пластеничкото производство.Треба да се потенцира  фактот дека со позитивното решавање на горенаведеното барање понудата на пазарот на оранжериски производи од зимско-пролетно производство(понуда во февруари и март) ќе се избегне поклопувањето со понудата на раноградинарски култури од пластеничкото производство со што се постигнуваат подобри финансиски ефекти согласно направените трошоци, вели Ристовски. Во однос на енергенсите производителите на раноградинарски култури реагираат и на зголемената концесијата за користење на геотермални води. Согласно пресметката на концесиски надоместок за експлоатација на количина 1метар кубен геотермална вода за 2012 година, по која истиот се пресметуваше и во тековнава година, цената на 1метар кубенгеотермална вода во температурен интервал 51-60 степени целзиусови (која ја користат поголем дел од оранжериите корисници на геотермални води) се зголеми за 582 % , односно од 1,40 на 8,14 ден денари за метар кубен. Субвенциите не ги пратат трошоците Во однос на субвенционирањето на субвенционирањето на производството на зеленчук во контролирани услови, производителите велат дека постои несразмерно зголемување на субвенциите за оранжериско производство  во однос на вкупното зголемување на субвенциите. Во 2005 година вкупните субвенции на ниво на држава изнесуваа 9 милиони евра (со ребалансот беа намалени на 7 милиони евра), а директната финансиска поддршка за производство на зеленчук во контролирани услови изнесуваше 50.000 по хекатр. Во 2009 година се зголемија на 70 милиони евра, при што финансиската поддршка за оранжериското производство изнесуваше 70.000 денари по хекатр, а во 2013 година, од одвоените 130 милиони евра субвенции, поддршката за  производство на градинарски култури во контролирани услови изнесуваше 90.000 денари. -Со ваквата распределба на средствата за финансиска поддршка во земјоделството, производителите на раноградинарски култури се крајно незадоволни. Вкупната сума на субвенции во однос на 2005 година е зголемена 17,5 пати додека средствата што се издвојуваат за субвенционирање на оранжериите се зголемени само 80 %. Цената на мазутот само во периодот 2009-2013 година се зголеми за 249 %. Поради тоа, производителите на раноградинарски култури во Македонија бараат зголемување на средствата наменети за нивно субвенционирање ва наредниот четири годишен период, вели Ристовски Производителите бараат итна средба со претставници од надлежните министерства. Велат во вакви услови оранжериското производство е неконкурентно. -Производната цена на еден килограм домат, согласно сите овие околности, достигнува околу 40 денари. Од друга страна, веќе имате конкуренција на пазарот од Албанија, Турција, Кина од каде еден килограм домат со транспортни трошоци чини 30 денари. Во старт нашето производство е неконкурентно, објаснува Ристовски Во Македонија има вкупно 17 оранжерии на површина од 240 хектари со вработени над 1.300 луѓе. Во сегашните услови оранжериите работата со 50 % искористеност на капацитетите. Околу 75 % од производството е наменето за извоз, од кое девизниот прилив е 20 милиони евра. Упатените во бизнисот велат дека со решавњето на клучните проблеми, ќе работата со полн капацитет, ќе го зголемат бројот на вработени а девизниот прилив може да биде и над 30 милиони евра. Ј.С  

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади