Турција започна со тестирање на кинеската вакцина, волонтираат претежно медицински работници
Објавено во: Балкан 17 Септември, 2020
Турција на првото клиничко испитување ја тестираше кинеската вакцина „Синовац“ против вирусот корона, на тројца волонтери, изјави министерот за здравство на таа земја, Фахретин Коча, пренесува Анадолија.
Во последните 24 часа се потврдени 1.771 случаи на заболени со коронавирус или вкупно 296.391, рече Коча на прес-конференција по состанокот на Советот за борба против епидемијата во земјата.
„Денес, светот е во потешка фаза на КОВИД-19 отколку на почетокот на пандемијата“, рече министерот.
Според него, започнало тестирање на кинеската вакцина.
„Волонтираат претежно медицински работници. На почетокот ќе бидат вклучени 1.200 лица, а подоцна и 10.000 “, рече Коча.
Што се однесува до руската вакцина, тој објасни дека ќе може да се дозволи откако ќе се отстранат недостатоците во третата фаза.
Тој додаде дека дозволата за работа на Pfizer е доделена. Според него, се работи и на домашна вакцина.