28 Април, 2024
0.0264

Улицата 73-а

Објавено во: Колумни 21 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Приказната за „неговото Скопје“ Киро Томовски ми ја раскажа во еден здив. Се договоривме повторно да се видиме за да ми ги каже сите спомени врзани за градот, во кој се доселил во далечната 1941 година, како осумгодишно дете. Ме одушеви со фотографската меморија,сочниот и концизен исказ (тој е поет со една издадена книга) и точниот и прецизен опис на местата и објектите (што друго сум можел да очекувам од пензионираниот геометар).

Скопската приказна на „дебранецот“(дебарчанецот) Киро започнува на 2-ри август 41-та на улицата 73-а,по ослободувањето „Душан Поповиќ“, а потоа Лермонтова. Двокатната куќа во чиј сутерен се сместува повеќечленото семејство Томовски е во непосредна близина на куќата на Михајло Шкаперда (палата со повеќе намени во подоцнежната нејзина историја) и на печатницата „Гоце Делчев“, чии бедни остатоци стојат до ден денешен. Први соседи му се семејствата на браќата доктори Гудијан од градската болница, ерменци по потекло, а по 45-та во соседството се доселува семејството Илиевски,од кое потекнува и прочуеното десно крило на Вардар Мирко, познат по прекарот „брбале“.

Во улицата со катастарски број 73-а до 43-та живее и  едно еврејско семејство, кое во погромот на бугарските фашисти во март истата година е депортирано за логорите на смртта во Европа (улицата била херметички блокирана и не можело ништо да функционира,дури ни леб да се купи-за купони). Заедно со неколкуте илјади сонародници пред депортирањето е сместено во Монополот, кај стара рампа, и Киро со неговата мајка двапати  се обидувале да им однесат вода и други намирници на соседите, кои заминувале во сигурна смрт, но без успех, стражарите биле немилосрдни. За последен пат ги виделе на жица како бараат вода и толку

...Во 400 метри долгата улица која се протегала  до полицијата кај училиштето „Гоце Делчев“,прашлива и каллива,во зависност од годишното време,се играле сите детски игри,но најмногу „топка“ на два гола (топка во прво време била крпеница од партали).Играле меѓу себе поделени во два тима на плацот карши палатата Шкаперда,на кој подоцна е направена модерна и пространа куќа за доктор Сушец (од ова семејство потекнува познатиот загрпски спортски репортер Божо) во која подоцна се вселува Благој Попов со семејството и таа веднаш добива и полициска куќичка.Се играло со други маала со променлив спортски успех на празниот простор, каде што сега е Домот на градежните работници, но и кај сегашната Католичка цркава „Срце Исусово“.Маалскиот клуб го добива името Вардар, а за него се грижи Никола Просњаков,со руско потекло, кој се уште е жив и живее во населбата Карпош 3.

Киро започнал да се школува во родниот Дебар,на српски,кога паднала „старата држава“ (како што вели добродржечкиот и со се уште свежи спомени господин што го зпознав минатата година кај Цобе од Мак –пен, но тоа е друга приказна) потоа два месеца на албански,а кога дошол во Скопје во училиштето „Књаз Симеон трновски“ подоцна „Гоце Делчев“ повторно го запишале во прво одделение, но сега на бугарски. Детство како детство, тешко и непредвидливо, но останува во траен спомен,како и споменот на тогашно Скопје!

  „Сега ќе ти раскажам за Лудвик Кубеш и Рада Оскар“- значајно,скоро помпезно, ми најавува Киро,правејќи мала пауза за да „сркне“од жолтата што ни помага „Кај Јоле“да направиме добар и конструктивен муабет.  Рада Оскар,сестра на познатиот боксер Фијат, е предвоена атратктивна убавица што им го запирала здивот на младите скопјани. Кога поминувала по корзо и низ плоштад сите погледи биле свртени кон неа. За време на окупацијата слободно влегувала во Офицерски, каде што било полно со германски офицери. Во една шега пред 40-на години Трпе Јаковлевски, висок вункционер и дипломат, рекол:„Чим Рада Оскар дојде во партизани на крајот на 44-та беше јасно дека војната набргу ќе заврши“....

Нејзин обожавател и постојан придружник ,но и повеќе од тоа,претпоставувам,станал и архитектот-урбанист  Кубеш.Дојден е во Скопје да ја води неговата урбанизација,инаку чех по потекло, за кого Киро не знаеше ништо да каже, тука пред се мислам за неговото минато во родната земја, иако едно време лично го запознал и со него се дружел по скопските кафеани-собиралишта на боемите и значајните градски фаци. Со ноќи седеле во „Москва“ заедно со Михо Атанасовски и многумина други поети и уметници. Кубеш бил сестрано образован, бил поет, преведувач, едноставен човек кој го сакал животот. Сакал и да се напие, не избирал друштво. Едно рано утро одејќи на работа Киро го видел на басамаците на Народна банка со шише ракија и во придружба на еден амал.

Во 50-те години е уапсен и осуден за непријалска дејност  и шпионажа и  со Рада има лежано затвор. Работеле заедно на изградбата на Мавровската брана. Кубеш добил налог да помогне во урбанизацијата на Кичево.Тој се согласил, но ја побарал и Рада да дојде со него.За кратко време ја завршил задачата,а потоа поминале незаборавни денови во кичевската месност  Крушино. Многу подоцна повторно по барање на Живко Трајковски,претседател на кичевското градско собрание и некогашен секретар на комората на Македонија,Киро го довел познатиот архитект за ревизија на кичевскиот урбанистички план. Чехот  на крајот побарал да престојуваат во Крушино. Тука откако добро ќе „тргнел“ правел еликсир за отрезнување од живо јајце, коњак и некaква киселина измешани во чаша од „два деци“ што му помагало успешно да продолжи со пијачката. Кубеш бил женет, но не со Рада Оскар и живеел кај Зелен пазар, во  убава двоспратна куќа во чие приземје имало фурна.

Можевме тоа претпладне со Киро Томовски да седнеме и да разговараме за неговиот скопски младешки живот било каде, но каква случајност-јас избрав тоа да биде „Кај Јоле“-некогашниот „Клуб на уметници“. Тука ние, голобради и неискусни гимназијалци некако влеговме во 1967 година. Вeлам, некако, зошто таму беше тешко за влегување-гостите беа од разни категории и сакаа интимност  и конспирација. Е тука на истата маса на која што седевме и муабетевме, пред многу години јас го видов Кубеш заедно со Рада во  “мешано“ друштво, во добро расположение. Архитектот често стануваше –се пиеше шприцер и беше разбирливо. При едно станување тој дискретно со мала камера снимаше и јас како добар и дисциплиниран граѓанин му кажав на Јоле се што видов. „Шта те брига, гледај своја посла“ ми рече тој...можеби и имаше право! 

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД