Василица низ Македонија: Некаде со маски, некаде со комар
Објавено во: Македонија 13 Јануари, 2018
Низ Македонија се празнува Стара Нова година и Василица, празник со различни обичаи во секој крај низ републиката и начини на прославување. Дел од Македонија на овој ден празнува на тој начин што се маскира, други пак за среќа играат комар со пријателите, трети прават пита со паричка во чест на Св.Василиј, а некаде се палат и Василичарски огнови и се прославува со комшиите и добронамерниците.
„На утрешниот ден се поместени три празници, споменот на Свети Василиј Велики, обрезанието на Исус, и православната Новата година. Свети Василиј е голем светител во православието, затоа и се нарекува уште и украсител на човечките обичаји.“ - вели Отец Сашо- Соборен храм „ Свети Климент Охридски“- Скопје.
По одбележување на Старата Нова година, верниците го празнуваат Св. Василиј - Василица. Некои семејства, слично како и за време на бадниковата вечера, кршат погача со паричка. Традицијата за Василица во Македонија се негува со векови. Пример за тоа е Вевчанскиот карневал.
Кај семејства кои традиционало кршат погача на Василица, преовладува истото верување дека на оној што ќе му се падне паричката ќе го следи среќа цела година.
Стара Нова година или Православна нова година, секако терминот е помалку важен од поминувањето убаво време во расположение со пријателите и семејството.