ВИДЕО: Хеликоптерска несреќа во Сибир - има мртви и повредени
Објавено во: Свет 22 Октомври, 2016
Повеќе од 19 лица загинаа, а тројца се здобија со тешки повреди ноќеска при хеликоптерска несреќа Ми-8 на полуостровот Јамал во северозападен Сибир, соопштија истражните органи, пренесува ТАСС.
Хеликоптерот на авиокомпанијата „Скол” се урна при принудно слетување на 80 километри од Новиј Уренгој. Во него имало 22 лица. Сигналот за несреќата е добиен вчера во 18:57 часот. Хеликоптерот извршувал лет од Сузунското наоѓалиште во Краснојарскиот регион до Новиј Уренгој во Јамало-Ненецкиот автономен округ.
Од прес-службата на „Роснефт” изјавија дека хеликоптерот превезувал соработници на компанијата. Претставник на Министерството за вонредни ситуации на Русија соопшти дека еден од тешко повредените е транспортиран со хеликоптер до Новоуренгојската градска болница, а двајца се во болница во населбата Новозаполјарниј.
Во потрагата биле вклучени 140 спасувачи и 20 единици техника.
Инспекторите работат на три верзии – прекршување на правилата за безбедност, дефект на техниката и неповолни метеоролошки услови.