30 Април, 2024
0.0274

Вистината е жртва на политиката, тогаш кога граѓаните се лицето на сиромаштијата!

Објавено во: Анализа 22 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Државната статистика го одложи објавувањето на податокот за сиромаштијата во земјава. А требаше да го обелодени уште на 11 јули. Така барем самата си најави на својата интернет страница. Но, податокот се’уште не излезе во јавноста. Официјално, поради промена на методата за пресметка. Па така, останавме без потврда од државата колку сме сиромашни како нација, иако на лично ниво секој најдобро си знае како живее. Според последото пребројување, пред две години, дури третина од населението живееше во сиромаштија, односно со помалку од 100 денари дневно. Одложувањето на податокот за актуелната состојба доаѓа во време кога сите неофицијално се подготвуваат за избори. Можеби ниту “новата статистичка метода“ не може да го разубави грдото лице на бедата. А дали секогаш молчењето е злато? Економистите кои работат на проблематиката велат НЕ! Според нив, сиромаштијата не е доволно обработена тема, ниту во јавноста, ниту во науката. Недостига дебата со предлози и решенија за тоа како да се намали деценискиот проблем. “Напредок ќе постигнеме тогаш кога политиките кои се спроведуваат за решавање на двата предизвици (невработеноста и сиромаштијата) ќе се евалуираат, односно ќе се мери нивната ефективност. Само на тој начин ќе научиме дали преземените мерки ги дале посакуваните ефекти (намалување на невработеноста и/или на сиромаштијата), односно дали јавните средства се употребени на најдобар начин. Ваквите евалуации се нарекуваат “impact evaluation“ и во западните земји се основа за еден министер да бара буџетски средства за некоја програма од неговиот/нејзиниот ресор. Во Република Македонија, евалуацијата на спроведените мерки се’уште е во зародиш, за жал“, вели професорката Никица Мојсовска. Дека премолчувањето резултира со пренатрупување, наместо со премостување на проблемот, укажува и професорката Шенај Хаџимустафа, член на Центарот за економски анализи кој што спроведува вакви истражувања. „Постоењето на точна, навремена и транспарентна информација за стапката на сиромаштија во земјава е од особено значење за водењето на економската, социјалната и генералната политика во државата во вистинска насока. Ова е потребно како за самите креатори на политиките, така и за експертската јавност која што треба да даде независна оценка на состојбите во земјава. Доколку информациите отсуствуваат, тогаш се зголемува ризикот од наталожување на проблемите и зголемување на нивната сериозност“, вели Хаџимустафа. Животниот стандард на граѓаните е најточниот репер за економските политики на земјата. Признание дека речиси една третина од населението е сиромашно, воопшто не е предизборен адут. Па, додека граѓаните се жртви на сиромаштијата, вистината е жртва на политиката. С.Х.