ВМРО-ДПМНЕ: Aрсовска треба да си поднесе оставка зошто е неспособна и ги измами скопјани
Објавено во: Македонија 20 Октомври, 2022
ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од скопската градоначалничка Данела Арсовска, и велат дека е неспособна.
Од партијата велат дека додека градоначалничката се договара со себе си кој е виновен, еднаш Владата, друг пат УО, ЈСП пропаѓа.
„Вчера за Арсовска беше виновна владата, а денес е виновен Управниот одбор на ЈСП кој што наводно го упропастил претпријатието. А Управен одбор одлучува по материјали што ќе му ги достави директорот. Сигурни сме дека не е виновна самата Арсовска, ниту пак оној несреќен директор чиј глас не го слушнавме на советот. Арсовска влезе во историјата како најнеспособниот градоначалник и единствена на која и успеало да банкротира претпријатие. Таа треба да си поднесе оставка зошто е неспособна и ги измами скопјани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека е добро што градот конечно ја прифати иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата распределба на средства за плати во ЈСП.Вработените на ЈСП го прекинаа штрајкот откако беше најдено решение за нивните плати, откако утринава за првпат скопјани останаа без јавен превоз.
Арсовска, кажа дека таа завршила со процедурата за да обезбеди пари за вработените во ЈСП. Смета дека протестот е јавен линч на неа бидејќи таа не е од СДСМ ниту од ВМРО-ДПМНЕ. Протестот го смета и за срамен бидејќи граѓаните останале без градски превоз.