ВМРО-ДПМНЕ: Уништен багер во РЕК Битола
Објавено во: Економија 25 Март, 2024
ВМРО-ДПМНЕ со приложена фотографија соопшти дека во доцните часови минатиов викенд се случила тешка хаварија кога една од багерските единици СРС 630/2 удрила во претоварниот транспортер, наречен банваген 1200/2, при што механизацијата,како што велат од опозициската партија, е комплетно уништена и надвор од погон.
„Дали ова е трета багерска единица која е уништена? Колку багерски единици од основната опрема од рудниците Суводол и Брод Гнеотино се надвор од функција? Дали менаџерскиот тим “смислено” ја уништува механизацијата на РЕК Битола со цел да можат да се реализираат криминалните тендери за ископ на јаглен и за увоз на јаглен од безмалку 140 милиони евра?
Дали Менаџерскиот тим знаел дека ќе се случи оваа хаварија па е во преговори за друг тендер за увоз на јаглен? Ова се прашањата на кои мора да се има одговор“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму тврдат дека ископ со сопствена механизација речиси и да нема во РЕК Битола и дека дел од багерските единици се надвор од погон заради хаварија, особено во Рудникот Брод Гнеотино, а дел, според партијата, се намерно тргнати.