22 Јануари, 2018
0.9571
    ALK 7698.52    0.63%     AUMK 1700    0.06%     GRNT 830    0.73%     KMB 3135.87    -0.52%     MPT 28907    -3%     MTUR 4158    -2.16%     OKTA 3200    2.86%     RMDEN16 94.5    0.11%     RZUS 124    9.73%     STB 970    1.04%     STIL 154    1.61%     TEH 140    -6.67%     TEL 283    1.07%     TETE 2060    3%     TKVS 3106    -3%     TPLF 1798.38    -0.03%     TTK 950    -0.12%     ZPKO 2700    -0.37%

ВМРО-ДПМНЕ влезе во опозициски „филм“ дека се бори со режим

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2017

Одвај поминаа шест месеци од официјалното преземање на власта од страна на премиерот Зоран Заев и владата предводена од СДСМ и коалиционите партнери, а ВМРО-ДПМНЕ веќе прогласи дека на власт има режим или како што тие го нарекуваат „хунта“ со цел да звучат барем оригинално и да не го повторуваат речникот кој го користеше опозицискиот фронт додека на власт беше Груевски. ВМРО-ДПМНЕ всушност е во опасност да се претвори во лоша опозициска копија на СДСМ од пред една година.Тоа резултираше со одлука да ја бојкотираат работата на Собранието избегнувајќи политички дијалог и можност да бидат поддршка за неопходните системски реформи. Без оглед што најчесто амандманите на опозицијата не се прифаќаат таа секако има обврска да учествува во политичкиот живот, да биде надзорник на власта и да ги посочува нејзините грешки, наместо да бојкотира со што Македонија ќе продолжи да живее во напната и тензична политичка ситуација. Самиот бојкот воопшто не е во полза ниту на интеграциите во НАТО и ЕУ кои одамна се поставени како главни стратешки цели и се остава државата поранлива кога нема изграден национален консензус за главните прашања.

Наводните аргументи на новата македонска опозиција се дека во државата не се почитува демократијата, дека се нарушени човековите права, а затворени се припадници на највисокиот законодавен дом кој всушност е симбол на демократијата преку претставување на народот.

ВМРО-ДПМНЕ доби уште позасилен ветер во грб со приведувањето на 36 лица осомничени за крвавите насилства на 27 април при упадот во македонското собрание кога беа нападнати пратеници, а беа повредени новинари и полицајци. Тоа што шестмина од нив се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од кои тројца се во ефективен притвор по барање на ЈОРМ е доволен показател дека нема демократија и дека новата власт прибегна кон политички реваншизам.

Секако, ваквите тези се сосема неприфатливи од голем дел од правниците, па дури и од членството на партијата кое бара реформи, тврдејќи дека ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да врши притисок врз правосудните органи и да овозможи тие што се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста да одговараат пред институциите на државата и потоа ако судот утврди дека се невини да и се вратат и на партијата и на политиката.

ВМРО-ДПМНЕ или барем политиката која ја води актуелното раководство од „петни жили“ се обидува да докаже дека се под тежок притисок на власта и на некој начин го користат сличниот речник од минатите години на СДСМ обвинувајќи дека нема правда и нема слобода. Исто така често на партиските прес конференции од „Белата палата“ може да се чујат и обвинувања дека нема слобода во медиумите и дека преку институции како СЈО се вршел огромен притисок врз медиумските сопственици и уредници, па така се гушела слободната мисла. 

Ниту овие тези држат вода бидејќи кривична постапка не се води против ниту една телевизија, ниту пак против медиуми, туку против поединци кои како и сите други граѓани на оваа држава имаат право на адвокат и бранител во судот, може да ги користат сите правни лекови и да ја претстават својата одбрана. Ниту е стигната процедурата за изрекување пресуди, па така засега ниту некој е осуден или испратен во затвор. 

Симптоматично е и тоа што ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт тврдеше дека презело реформи во правосудството согласно меѓународните стандарди и дека обвинителите од ЈОРМ и судиите од македонските судови работат независно без политички притисоци според Уставот, законите и професионалните стандарди. Огромна мистерија е како одеднаш правосудството падна во канџите на новата власт ако досега било совршено кога истото добиваше лоши оценки во меѓународните извештаји, особено по прашањата за непочитување на човековите права, постоењето на политички затвореници, затворен новинар и нефер постапките во повеќе големи случаи.

На ВМРО-ДПМНЕ му претстои Конгрес за избор на нов лидер кој на вака поставени карти му се скратуваат опциите за политички маневри, за поправање на впечатокот за партијата пред домашната и особено меѓународната јавност, како и за шансата да се заврши конечно политичката криза и меѓупартиската борба да се води со легитимни политички средства, со идеи, со идеологии, со демократски принципи на делување. 

Но, никогаш не е доцна и за тоа доколку се послуша гласот на разумот, а тој е се погласен меѓу групите кои бараат реформи и суштински промени во партијата.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Русија ќе прифати кое било име на Македонија договорено со Грција

Драги мои синови – вие сте Македонци!

Драги мои синови – вие сте Македонци!

За кого, за МАКЕДОНИЈА

За кого, за МАКЕДОНИЈА

Спој на примитивен национализам и отсуство на државотворно чувство

Спој на примитивен национализам и отсуство на државотворно чувство