Во договор со Германија, Грција и Шпанија ќе ги враќаат мигрантите во својата земја
Објавено во: Свет 29 Јуни, 2018
Германската канцеларка Ангела Меркел на крајот на Самитот на ЕУ во Брисел денеска потврди дека Германија постигна договор со Шпанија и со Грција за враќање на мигрантите кои се регистрирани во тие две земји, додека со Италија се уште нема конкретен договор.
Канцеларката објасни дека Владата во Мадрид и во Атина се согласиле повторно да ги примат мигрантите директно од германска граница..
Италијанскиот премиер Џузепе Конте истакна дека договорот за миграција не предвидува Италија да ги прими назад мигрантите кои заминале во Германија: „Не потпишав никаков посебен договор со Меркел за враќање на мигрантите.“
Германската канцеларка денешниот договор на Самитот на ЕУ за миграцијата го оцени како одлучен чекор во правец на заедничката европска политика на азилот. „Тоа што овде го постигнавме најверојатно е повеќе отколку што очекував. Не сме на крај од патот, посочи Меркел и додаде дека е убедена дека ЕУ е поблиски до можно европско решение за мигрантската криза“, истакна Меркел.