Врховен образложи зошто е укинат притворот на Кочан
Објавено во: Македонија 15 Мај, 2017
Во официјалното известување до јавноста Врховниот суд потврди дека е укинат притворот за бизнисменот Сеад Кочан.
По одлуката, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ќе треба повторно да одлучува по жалбата на Специјалното јавно обвинителство поднесена против решението на судијата во претходна постапка со кое е одбиен предлогот за определување на мерка притвор.
Според Врховен, причина за одлуката се повредите на законите од страна на пониските судови.
„Со пресуда на Врховниот суд на Република Македонија Кзз бр.11/2017 од 11.05.2017 година укинати се решенијата на Кривичниот совет на Основен суд Скопје I Скопје и Кривичниот совет на Апелационен суд Скопје.
По вака донесената пресуда, Кривичниот совет на Основен суд Скопје I Скопје ќе треба да одлучува по жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, поднесена против решението на судијата во претходна постапка со кое е одбиен предлогот за определување на мерка притвор.
Причините за ваквата одлука се повредите на законите од страна на пониските судови, кои се содржани во образложението на пресудата на Врховниот суд на Република Македонија“, пишува во соопштението на судот.
Првиот човек на Врховен, Јово Вангеловски за Дојче веле образложува дека тие не го укинуваат притворот за Кочан, „туку ја ценат законитоста на одлуките на пониските судови“.
Тој тврди дека има повеќе повреди на законитоста, меѓу кои две посуштествени.
„При барање на мерка притвор, еден од предусловите е да се достави доказ за основите на сомневање дека е сторено кривично дело. Во случајов, од страна на СЈО не е доставен таков доказ, а Судот направил повреда на законот кога без доставен доказ одредил мерка притвор“, вели Вангеловски .