Вучиќ: Пристигнаа 20 пробни дози од руската вакцина, тие од Фајзер во март
Објавено во: Балкан 04 Декември, 2020
20 пробни дози на руската вакцина Спутник 5 пристигнаа во Србија и веќе се испратени на лабораториско испитување, а се очекува до почетокот на март да пристигнат 350.000 дози од вакцината Фајзер, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој рече дека вакцината ќе биде бесплатна за сите граѓани на Србија, доколку сакаат да ја примат, пренесува Хина.
„Не можете да присилите никого што не сака да прима вакцина, но сметам дека е неодговорен секој што повикува да не се прима вакцина“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека „воопшто не го интересира“ дали Брисел ќе се спротивстави на фактот дека Србија има намера да набавува вакцини од Русија и Кина и оцени дека „секоја вакцина е добра“, бидејќи сериозни светски фармацевтски компании се занимаваат со истражување и производство.
Според Вучиќ, Србија ќе прифати и вакцини што ќе и бидат доделени преку системот COVAX, што заеднички го лансираа Светската здравствена организација (СЗО) и Здружението за вакцини (GAVI).
Вучиќ најави дека во петок ќе биде отворена нова и модерно опремена ковидна болница во белградското предградие Батајница, изградена, како што додаде, за само четири месеци, а за петнаесет дена ќе има и модуларна болница во Крушевац.
Болницата во Батајница ќе има 18.000 квадратни метри и простор за 930 пациенти - 250 на интензивна нега и 680 на полуинтензивна нега.