За Груевски предистражните постапки на СЈО се малтретирање на граѓаните
Објавено во: Македонија 22 Ноември, 2017
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска откако сведочеше во СЈО рече дека она што од СЈО го работат е незаконски, нивниот мандат е изминат и овие предистражни постапки според него се малтретирање на граѓаните.
„Но, за да не излезе дека одбегнувам да дојдам, дојдов и одговорив на некои прашања кои ме прашаа. Мислам дека ова го прават за да сум тука за да давам изјава пред вас и наместо да се зборува за промена на името што го договара Заев, за непокачување на платите на лекарите, за зголемување на просечната плата, за скандалозниот договор со Бугарија, да се зборува дека јас сум бил во СЈО“ - вели Груевски.
Тој тврди дека овие сценарија се политички наметнати за да се отргне вниманието од реалните проблеми и да се замајува јавноста.
Груевски за „бомбите“ вели дека тоа се незаконски прибавени аудио снимки.
Предистражната постапка на СЈО е за финансиски криминал со струја.