30 Април, 2024
0.0254

ЗА и ПРОТИВ: Дали Владата доволно инвестира во капитални проекти?

Објавено во: Анализа 28 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Власта и опозицијата деновиве повторно си разменија отровни стрели, овој пат на тема капитални инвестиции. Откако Министерството за финансии ги објави најновите податоци за полнењето и трошењето на парите од националната каса, социјалдемократите ја „прозваа“ Владата дека оваа година ќе биде најслаба на планот на вложувања во капитални проекти. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија со оправдување дека најголемите инвестиции се правеле во инфраструктурата, а Агенцијата за државни патишта оваа година била издвоена од државниот буџет. Капиталните расходи во изминативе неколку години за Владата се практично главниот „влог“ во растот на економијата, и таа ги смета како еден од своите поголеми успеси. Опозицијата, пак, постојано обвинува дека најголем дел од буџетските трошења власта ги прави за непродуктивни намени. Која е, всушност, вистината за тоа како се планираат и со каков успех потоа се реализираат капиталните инвестиции, односно државните пари што власта ги троши за изградба на патишта, железници, енергетски објекти? „Фактор“ истражуваше колкави биле вложувањата во капитални објекти во последниве неколку години. Во десетте месеци од оваа година вкупно се реализирани капитални расходи од околу 215 милиони евра, додека вкупната сума планирана со ребалансот на буџетот е 328 милиони евра. Тоа значи дека во периодот од јануари до октомври се остварени само 65 проценти од капиталните расходи. Пресметките покажуваат дека доколку Владата сака да дојде до 100 отсто, во последните два месеца, односно во ноември и во декември би требало да се вложат дури 113 милиони евра во инфраструктура, што е огромна сума. Инаку, со буџетот за годинава првично беа предвидени капитални инвестиции од 304 милиони евра, а потоа со ребалансот, кој беше изгласан пред извесен период, зголемени се на 328 милиони. Кога се носеше буџетот за 2013 министерот за финансии Зоран Ставрески најави дека покрај сумата предвидена за капитални проекти во државната каса, уште околу 70 милиони евра ќе се реализираат преку Јавното претпријатие за патишта, кое од оваа година се издвојува како посебен субјект. Во 2012 година, пак, со буџетот било планирано да се потрошат 349 милиони евра во капитални инвестиции, но годината завршила со вложен износ од 305 милиони евра, или помалку за 45 милиони евра од предвидениот износ, така што процентот на реализација лани бил 87,5 отсто. Притоа, голем дел од капиталните трошоци, дури 63 милиони евра, биле направени во декември, последниот месец од годината. Во 2011 година планот бил во капитални расходи да се вложат 341 милиони евра, но финишот е 288 милиони евра, или 84,37 отсто. Помал износ на капитални инвестиции, од 288 милиони евра, бил предвиден за 2010 година, а на крајот остварената сума повторно била пониска, 249 милиони евра, или 86,65 проценти. Изгледа дека најголемите промашувања меѓу прогнозите и оствареното се направени во 2009, кога со првичната верзија на буџетот биле планирани дури 476 милиони евра, кои потоа, со првиот ребаланс се симнале на 386 милиони, а со втората корекција, пак, паднале на 313 милиони евра. Но, конечниот епилог од цела година бил 218 милиони евра средства вложени во капитални проекти, или 69,7 отсто. Најголема сума капитални инвестиции во апсолутен износ е реализирана во 2008 година. Тогаш и плановите биле поголеми, односно 418 милиони евра (предвидени со реалокација на буџетот), а реализацијата на крајот изнесувала 326 милиони евра, или 78,05 проценти. Експертите коментираат дека Владата секоја година прави оптимистички планови за капитални инвестиции, но потоа тие „затајуваат. Слободан Најдовски, аналитичар, вели дека планираната сума сигурно нема да се реализира во целост и до крајот на годинава.
„Не можат да се забележат некои големи инфраструрни проекти кои се започнати, а кои би требало да се завршат до крајот на годинава, па за да се очекува толку голема сума да се вложи во капитални расходи“, вели Најдовски.
Според него, под претпоставка и да се потрошат уште 113 милиони евра капитални инвестиции колку што треба за да се оствари планот, а со оглед на потфрлањето и кај буџетските приходи, ќе има недостиг на пари за другите неопходни функции на буџетот, како што се трансфери до фондовите, исплата на плати на админситррацијата и слично. Според Шенај Хаџимустафа, универзитетска професорка, секоја година при планирањето на буџетот се зголемуваат сумите за капитални расходи, но потоа никогаш во потполност не се реализираат.
„Навистина е пожелно тие суми во целост да се остваруваат, со цел да може граѓаните да го почувствуваат нивниот позитивен ефект. Бидејќи, само капиталните инвестиции и овозможуваат на државата одржлив економски раст. И, она што е многу битно, е во кој сектор се направени тие капитални инвестиции, односно вложувањата да бидат во инфраструктура, здравство, образование, кои всушност на долг рок носат позитивни ефекти“, нагласува Хаџимустафа. Како можни причини зошто затајуваат капиталните инвестиции таа ги наведува недоволната подготвеност на институциите, веројатно сложената тендерска процедура, и слично.
За идната година, со буџетот за 2014 кој се уште е на расправа во Собранието, предвидено е за капитални инвестиции да бидат наменети околу 364 милиони евра. Министерот за финансии Зоран Ставрески во експозето изнесе бројка од 650 милиони евра за капитални проекти за в година. „Околу 370 милиони евра ќе се реализираат преку буџетот, а другиот дел ќе биде преку ЈП за патишта, ЕЛЕМ и МЕПСО“, рече министерот. Според него, за двата нови автопати в година ќе бидат потрошени 160 милиони евра, проект кој оди преку ЈП за патишта, а ќе се финансира со кредит од кинеската Ексим банка. Неодамна првиот финансиер изјави дека следната година можеме да ја окарактеризираме како „година на изградба на патишта“. Најдовски вели дека оправдува задолжување за капитални проекти.
„Јас оправдувам задолжување за финансирање на инфраструктурни проекти. Но, кога станува забор за изградбата на двата нови автопати, за кои ќе се користи кинескиот кредит, Владата треба да одговори зошто и досега не инвестираше во автопатишта, а потроши околу 17,5 милијарди евра буџетски пари. Втората работа што треба да се објасни е дали ја избравме најповолната варијанта за земјава за изградба на овие два автопати, и тоа не само од аспект на каматата, туку и од аспект на вкупното чинење на изградбата на тие патишта. Бидејќи, според најавите, нив ќе ги гради конеска компанија која не е избрана на тендер“, потенцира Најдовски.
Деновиве опозициската СДСМ во јавноста ги изнесе своите проценки дека „2013 година ќе ја завршиме со капитални расходи од околу 250 милиони евра. Тоа ќе бидат најниските капитални инвестиции во последните 5 години  во апсолутен износ. Како процент од БДП тие ќе изнесуваат бедни 3,2 отсто“, сметаат од партијата. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, потенцираа дека „СДСМ добро знае дека најкрупните капитални проекти се во инфраструктурата, а дека Агенцијата за патишта од оваа година е издвоена од Буџетот, согласно тоа и капиталните инвестиции кои се реализираат преку неа“. Ф.Н.