За што разговарале телефонски Заев и Ципрас?
Објавено во: Македонија 07 Јуни, 2017
Премиерот Зоран Заев со грчкиот колега Алексис Ципрас телефонски разговарал за европската перспектива на Македонија, развивањето на македонско-грчките врски и спорот за името.
Од кабинетот на Ципрас информраа дека тој разговарал со Заев со цел да му честита за преземањето на премиерската функција во Македонија. Ципрас во разговорот ги повторил и потенцирал грчките позиции во однос на прашањето за името, а се разговарало и за перспективата на Македонија за прием во Европската Унија и НАТО.
Двајцата премиери разговарале за унапредување на билатералните врски и спроведувањето на мерките за градење доверба, кои забележале дека се особено важни за двете страни, а станало збор и за случувањата во регионот.
Првата официјална средба меѓу високи претставници на грчката и на македонската Влада, се очекува во текот на овој месец, откако минатата недела грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас го покани новиот македонски колега, Никола Димитров да ја посети Атина.