19 Март, 2024
0.0238

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Објавено во: Колумни 18 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Премиер марионета, марионетска влада, слуги на странски интереси, се само дел од новите кованици кои ВМРО-ДПМНЕ и особено нејзиниот лидер Никола Груевски почнаа да ги користат за опишување на владеењето на премиерот Заев и владата составена од СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците. 

Повторно на површина испливуваат тезите дека оваа влада не е избрана од народот и ја нема поддршката од мнозинството гласачи особено не кај Македонците, во новиот обид да се одржи Груевски како некаков релевантен фактор на македонската политичка сцена иако е тотално изоставен од сите процеси на носење на одлуки. 

Тоа што е најинтересно е што терминот марионета премиер и марионетска влада како во хор започнаа да го користат сите верни фанови на Никола Груевски кои се остатоци од една пропаганда машинерија која сега ги дава последните отпори и го нема истото влијание во мас-медиумите како до пред десетина месеци. Груевски во мега интервјуто за Република се обидува да демонстрира гранитност небаре се уште е на челната позиција на државата и со стари ПР трикови упатува повици до „народот“ да дал отпор, тој народ кој треба да бидеме уверени дека се уште му е верен на него иако на изборите му даде јасна порака со најтешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ во поновата историја, дури потежок и од тој на СДСМ на локалните избори во 2013 година. Груевски пет пати го употреби терминот марионетска влада во гига-мега-тера интервјуто.

„Грција, како и цел свет знаат дека ова е марионетска власт која е донесена а не избрана од народот, со цел да попушти по ова прашање, и да направи целосно редефинирање на земјата. Да ги задоволи сите други, освен сопствениот народ. И кога ја знаеш таквата позиција на преговарачот од другата страна, сигурно дека ќе бараш и повеќе. Всушност ако некогаш Грција од 100 проценти преговарачки пакет, беше можеби спремна да остапи до 10 отсто, сега нема ни 5 отсто да остапи, можеби и нула. Ние сакавме да го решиме прашањето со компромис, што подразбира позначителни остапки од двете страни. Тие сакаат да го решат во нивна корист безмалку целосно. Затоа и неуспеаја нашите напори. Се плашам дека новата марионетска власт во Македонија ќе ја прифати оваа позиција на нашиот сосед, како што тоа го направи во договорот со Бугарија. Покрај деблокирањето на процесот за членство во НАТО и ЕУ,  од самиот договор, најмногу, некој ситни и неважни детали како исход од преговорите ќе ни ги продава како некаков крупен успех“ изјави Груевски за Република.

Како што може да зебележите и сами главните поенти на актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не се многу промените, освен што „вордингот“ е понасочен кон Заев кој ќе се прават обиди да се прикаже како предавник кој е подготвен се да прифати што ќе му биде наметнато од меѓународната заедница за решавање на спорот за името со Грција. 

Решавањето на овој спор секако ќе биде огромен предизвик за новата влада која е свесна дека отстапки ќе мора да се направат за да се придвижат евроатлантските интеграции, но притисок ќе биде поставен и врз Грција поради промената на геополитичката состојба, се поголемиот судир меѓу САД и Русија и неопходноста од заокружување на јужното крило на НАТО. Така во една разумна состојба можно е решение кое нема да ги загрози македонските идентитетски одредници, а ќе ја убеди Грција дека нема да следат нови провокации и раздор по историските прашања кои сега во позиција на меѓународна немоќ и подредност Македонија не може ни да ги постави и уште помалку да ги добие.

Идните реформски чекори на владата ќе мора да добијат и поддршка од опозицијата со цел да се изгради национален конзенсус и надминување на меѓупартиските војни што добро ќе се рефлектира и на самото општество кое е истрошено од долгата политичка криза, честите изборни циклуси и заканата од поголеми судири која беше многу реална на 27 април кога се случи Крвавиот четврток.

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?