Заев најави трајно решение за работниците на Колска
Објавено во: Македонија 27 Јуни, 2017
Премиерот Зоран Заев се сретна со претставници на синдикатот од фабриката за шински возила, Колска, од Велес. Според Заев, уште денеска треба да почне решавањето на проблемот на вработените, кои шест месеци немаат земено плата, а треба да се изнајде и трајно решение за статусот на фабриката.
Претставниците на синдикатот му посочиле дека е загрозена егзистенцијата на вработените, и тие немаат ни здравствено осигурување.
Премиерот најави дека до крајот на неделата ќе одржи стручни консултации за трајно решавање на статусот на фабриката.
Работниците на Колска во последните месеци неколку пати штрајкуваа незадоволни од доцнењето и неисплатата на нивните плати, лошото раководење од страна на менаџментот и тоа што државните органи долго време останаа глуви за нивните барања.