Заев: Програмата ќе биде завет по кој ќе одиме
Објавено во: Македонија 30 Мај, 2017
Мандатарот Зоран Заев во Собранието денеска ја образложува програмата за работа на владата.
Тој рече дека ќе води реформска влада.
Заев вели дека ќе имаат три клучни темели, а тоа се економија, силни институции, ЕУ и НАТО.
„Ќе работиме чесно, посветено, исклучиво за потребите на граѓаните на Македонија. Она што е напишано во програмата ќе биде завет по кој ќе одиме“ - изјави Заев.
Мандатарот вети дека ќе градат едно општество за сите.
Целта им е преговори со ЕУ и членство во НАТО во најбрз можен рок.
Целта е вели минимална плата од 12.000 денари во првата година за сите работници, а 16.000 минималец до крајот на мандатот.
Заев вети добра деловна клима, без притисоци. Директната државна помош за 100% ќе се зголеми за малите и средни претпријатија.
Ќе излезат со податок колкави се обврските кон претпријатијата и како ќе бидат подмирувани.
На граѓаните ќе им се враќаат 15% од ДДВ.
Ќе се врати евтината тарифа на струја, а оние кои не користат парно, нема ни да плаќаат.
Заев најави бесплатно болничко лекување, помали судски трошоци, казни.
Ќе има енергетски ваучери за загрозените граѓани, ќе се обезбеди гасификација, за земјоделците ќе има субвенции за нафта од 30 до 50%.
„Ако граѓаните имаат повеќе пари, повеќе ќе трошат и на тој начин ќе се раздвижи економијата“ - вели Заев.
За наставниците ќе има награди, повисоки плати за наставниците и здравствените работници. Заев порача дека никој не смее да се чувствува загрозен за своето работно место во администрација.
Оние кои не се распоредени, а се водат како вработени, ќе имаат ангажман.
Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот. За младите ќе има мерки со кои ќе се задржат во Македонија.