26 Април, 2024
0.0355

Земјоделство 2017: Најмногу пари за хидросистеми и субвенции, дали ќе го развијат аграрот?

Објавено во: Агробизнис 29 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Околу 36 милиони евра со новиот Буџет за 2017 година се планирани за  капитални инвестиции во земјоделскиот сектор. Во ова ставка спаѓааат изградба на хидросистеми, инвестиции за подобрување на конкурентноста,  модернизација на земјоделските стопанства, нивно преструктурирање, и усогласување со европските стандарди.Министерството за земјоделство догодина ќе има на располагање 13,8 милиони евра. Најголемиот дел од парите се за секторот водостопанство односно за хидростемите и за плати и надоместоци. За хидросистемот Злетовица се превидени скоро два милиони евра. За Програмата за наводнување на Јужната долина на реката Вардар ќе се потрошат 3,1 милиони евра, а за хидросистемот Лисиче 468 илајди евра. Догодина како што стои во Предлог Буџетот ќе започне изградбата на системите за наводнување во Валандовскиот регион кој се финансира со заем од КФВ банката, преку втората фаза на проектот за наводнување на Јужната долина на реката Вардар.Во образложението на Предлог- Буџетот за 2017 година се посочува дека водостопанството е еден од клучните сектори за кои Министерството за земјоделство презема активности за развој.

„Ефикасно користење на водите и водостопанските објекти, реконструкција на основните хидротехнички објекти на хидросистемите и доградба на системи за наводнување, преструктуирање на водостопанството со цел ефикасно, рационално и одржливо управување и поголем степен на искористување на системите за наводнување, водоснабдување и одводнување“, се наведува во Предлог Буџетот з 2017 година.

Во секој Буџет во изминатите пет години се одвојуваат пари токму за овие три проекти, но колку состојбата со наводнувањето е подобрена? Светска банка во еден од извештаите посочува дека средствата во секторот за водоснабдување,вклучувајќи ја и инфраструктурата за наводнување се стари, несигурни и напуштени, а сезонскиот недостиг во водоснабдувањето ја намалува продуктивноста на сите сектори кои трошат вода. Во анализита банката посочува дека постоечкиот сектор за водоснабдување  функционира и е од основно значење за економијата, особено за земјоделството, но проблемот го лоцира во дотраените водоводни системи, наспроти климатските промени кои ќе го продлабочат недостигот на вода.

Според поранешната претседателка на собраниската Комисија за земјоделство,шумарство и водостопанство, Ленче Николовска, иако секоја година се најавуваат милиони евра за хидросистемите, изгардбата никако да почне.

„Системите за наводнување и фамозните брани секоја година се најавуваат,  но никако да ги изградат. Имено од 120.000 хектари кои некогаш сме ги имале под системи за новоднување, пред 10 години се сведовме на 25.000 хектри до кои доаѓа вода. За една деценија колку што е оваа власт, не инвестираа во нов еден хектар, а сега најавуваат силни милиони во следните години. Уште една лага на Владата или уште една можност за злоупотреба на буџетските средства наменети за аграрот преку тендери кои ќе ги добиваат  фирми блиски на актуелната власт“, вели Николовска.

Фактор побара став од Министерството за земјоделство кога се очекува да заврши реализацијата на проектите за хидросистемите, но не добивме одговор.

Според агроекспертите иако се работи за скапи и долгорочни инвестиции, системите за наводнување, се од големо значење за севкупното производство на храна, особено во период кога климатските промени веќе го земаат данокот. Старосната структура од околу 70 години, е доволен доказ дека е потребна итна реконструкција, велат агроескпертите.

„Системите за наводнување се во навистина лоша состојба. Оваа состојба не е од вчера, туку се провлекува подолг период. Токму поради тоа веќе беше изведена рехабилитација на неколку системи за наводнување со подршка на Светската банка  (Брегалница, Тиквеш, Полог) и германската банка за подршка на развојот (Јужно Вардарска Долина). Реконструкција и рехабилитација на постојните системи за наводнување е апсолутен приоритет. Тоа автоматски значи поголеми приходи за земјоделските производители, нивна подобрена благосостојба, активирање на руралната средина, потполна обезбеденост со храна на национално ниво, поголеми приходи од извоз“, вели професорот Ордан Чукалиев, од Факултетот за земјоделски науки и храна.

За плати во МЗШВ 6,2 милиони евра

Во делот на рсходите, за плати и надоместоци на вработените во Министерството за земјоделство догодина се планираат да се потрошат 6,2 милиони евра. За земјишна политика и идентификација на парцели се предвидени 250 илајди евра, за земјоделство и рурален развој три милиони евра, за заштита на растенија, семе и саден материјал за предвидени околу 860 илјади евра.

За субвенции во земјоделството 137,4 милиони евра

Следната година за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се предвидени 140,1 милиони евра, а најголем дел од парите за се финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој или 137,4 милиони евра.Поточно, за директна финансиска помош во земјоделството или за субвенции се планирани 107,4 милиони евр, а за финансиска поддршка на руралниот развој нешто повеќе од 30 милиони евра. Токму за намената на субвенциите, дел од експертите постојано укажуваат дека се креирани повеќе за купување на социјален мир отколку за развој на земјоделството. Изминативе десет години се издвојуваат милионски суми за земјоделството. Расте извозот на земјоделски прозводи, но со поголемо темпо расте увозот. Кај клучните земјоделски гранки наместо зголемување има стагнација или намалување на земјоделските површини или добиточниот фонд. 

„И годинава се повторува праксата на власта, популистички да најави високи субвенции во аграрот. Но проблемот е колку од планираните средства се реализираат, колку од овие пари реално ќе дојдат до вистинските земјоделци и уште поважно, кога? Изминативе години, од 2009 наваму, (до тогаш субвенциите за тековната година се исплаќаа до 31 декември) кога ја донесе Владата измената со која субвенциите се исплаќаат до 30 јуни наредната година, постојано се доцни со исплатата така што сега на земјоделците Владата им должи цел еден земјоделски буџет. Односно повторно со овие пари кои се планирани за директни плаќања на земјоделците за 2017 година, тие ќе ја исплаќаат 2016 година. Тоа исто се случи и со субвенциите за оваа година со кои власта сеуште ја исплаќа ланската година. Според мои сознанија, нема ниту едно евро исплатено на некој земјоделец за 2016 година.Имајќи предвид нетранспарентноста, дури можеме да кажеме- мистериозноста на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за тоа кој, кога и колку субвенции добива, не би ме чудело да најават и 500 милиони евра за една година. Иронизирам но со ова сакам да ви укажам на поразителниот факт колку јавноста не е е запозната за висината на субвенциите кои релано доаѓаат до земјоделците, а колку се злоупотребуваат, вели Николовска.

Од останатите институции поврзани со земјоделството, догодина за Држвниот инспекторат за земјоделство се предвидени над два милиони евра, за Агенција за храна и ветеринрство 10,2 милиони евра, а за Агенцијата за поттикнување на земјоделство се планирани 968 илјади евра.

Т.С

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади