ЗЕМЈОТРЕСИ: Грција се тресе на секои 30 секунди
Објавено во: Балкан 16 Октомври, 2016
Стотици потреси се регистрирани во последните часови а сеизмичката активност е речиси на 30 секунди.
Засега силата на потресите е послаба од онаа на првиот, но сеизмолозите не даваат гаранција дека нема да следи нов потрес со интензитет над 5,2 степени според Рихтер. Досега секундарните потреси достигнаа до 4,8 степени по Рихтер.
Од Институтот за геофизика во Атина не можат уште да потврдат дали првиот потрес е основен и се потребни барем неколку дена, додека ослабне фреквенцијата на секундарните потреси.
Жителите на градот Јанина останаа цела ноќ надвор. Многу од нив спиеја во своите автомобили, а сеуште се плашат да се вратат во своите домови. Не се забележува паника меѓу луѓето. Цивилна заштита, како и службите на општината во Јанина, делат храна и вода на луѓето, кои се уште се надвор. Властите предупредуваат сите да бидат многу внимателни барем во следното деноноќие.
Нема жртви од земјотресот или силно уништени згради. Прекинати се неколку второстепени патишта поради свлечувања на земјиштето.
Епицентарот е само на 25 километри северозападно од градот Јанина, со длабочина од 10 километри. Земјотресот беше почувствуван во Солун, на островот Крф и во Албанија.