30 Април, 2024
0.0292

Жана Божиновска, „Дневник“: Очекуван извештај од Брисел за сечија употреба!

Објавено во: Анализа 19 Октомври, 2013

Добивај вести на Viber

Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија со еден збор е таков каков што се очекуваше. Во него нема ништо што претходно не беше  официјално или неофицијално најавено. Значи, нема изненадувања. Колку што беше очекувана петтата по ред препорака за почеток на преговори за членство, исто толку беше јасно дека во него ќе го има и „24 декември“ и дијалогот меѓу Владата и ЗНМ, и слободата на изразување и реформите во судството и борбата против корупцијата. А дали ќе се оцени како позитивен или негативен, зависи од потребите и од она што сакаш да го видиш. Факт е дека позитивната страна произлегува од давањето нова препорака, идентична со минатогодишната, односно со порака името да се реши во раната фаза од преговорите, бидејќи не треба да се заборави дека имаше каква таква опасност од одземање на препораката поради доцнењето во спроведувањето на договорот од 1 март. И во таа смисла е навистина позитивен. Но ако се гледаат другите елементи, има многу забелешки, а задолжително се нотира решавањето на името еднаш засекогаш, но и проблемите во постигнувањето договор со Бугарија, иако во поблага форма. На презентацијата на извештајот во Европскиот парламент, еврокомесарот Штефан Филе дури и во кусото образложение за секоја земја одделно, на пример упати забелешки за односот кон ЛГТБ заедницата и нападот на нејзините простории во Скопје. Сепак, се чини дека годинава вордингот беше малку помек отколку што би очекувале оние кои што го сметаат за негативен. Причината за тоа, мислам дека е во обидот на Европската комисија и генерално Унијата да се пофали со својата политика во однос на проширувањето како сериозна политика, особено по успехот со договорот меѓу Белград и Приштина, а самиот Филе да си припише некој позитивен поен повеќе во последната година од својот мандат.
Фактор Ви ги презентира ставовите на дел од македонските новинари за извештајот на ЕК.