26 Април, 2024
0.0262

Жена-камен во чевлите на украинската политика

Објавено во: Колумни 03 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

И Украина ќе си има свој „брат Љубе“!  Само што не е брат туку „сестра Надја“ или поточно Надежда Савченко, херој на Украина, пратеник во парламентот на Украина, до неодамна затвореник во Русија, а претходно доброволец на фронтот во борбата против сепаратистите од Донбас . Токму таму и почнува приказната за Савченко. Во средината на јуни 2014 година таа е уапсена од страна на сепаратистичките борци. Подоцна е префрлена во Русија и е обвинета дека е виновна за убиство на двајца руски новинари кои биле известувачи од воените дејства. Наводно, таа го корегирала огнот од хаубиците и тоа токму во местото каде што загинале новинарите. Савченко не ја признава вината, иако признава дека е борец на доброволните украински сили. Инаку, Савченко е воен пилот на хеликоптер. Како и да е таа во март годинава е осудена на 22 години затвор. Под притисок на некои светски политичари или како дел од политички пазар, рускиот претседател Владимир Путин на 25 мај годинава ја помилува Савченко и таа се врати во Украина. Истовремено украинскиот претседател Петар Порошенко помилува двајца Руси осудена во Украина за учество во воени дејствија на истокот од земјата, кои исто така се вратија во Русија. За време на престојот во истражниот затвор Савченко се претвори украинска Јованка Орлеанка. Така барем ја опишуваа украинските медиуми. За време на судењата таа истапуваше со пеење на украинската химна, со анти руски повици и непоколебливост во праведноста на нејзината цел-борба до крај за ослободување на Украина од „окупаторот“ и враќање на Крим во составот на Украина. Ваквото однесување на Савченко во Украина беше оценето како голем израз на патриотизам. И потоа следеа признанијата. Јулија Тимошенко, некогашен украински премиер, а сега лидер на партијата „Татковина“ ја вклучи на челното место на изборниот список на нејзината партија на парламентарните избори, иако таа се уште беше во руски затвор. Претседатело Порошенкот ја прогласи за Херој на Украина. За голем број Украинци таа беше симбол на отпорот. Што се случи за да дојде до нејзино ослободување знаат само оние кои таа работа ја договориле.  Постојат разни верзии. Една е дека станува збор за пакет од политички договори подготвен од Русија, Украина, САД и ЕУ. Со оглед на тоа што реализацијата на Минските договори е замрзната на најтешките прашања, промени во уставот на Украина и давање на поголема самостојност на „отцепените“ региони, сега по ослободувањето на Савченко, како израз на добра волја на Русија, Украина е должна да го исполни својот дел од обврските, а потоа Русија да помогне во спроведување на избори во тие региони. Следно би било олабавување или укинување на западните санкции кон Русија. Наводно на Украина и е дадена задача што побрзо да ги спроведе промените на Уставот, зашто секое одолговлекување би довело да укинување на занкциите кон Русија и без за тоа да се праша Украина. Друга верзија е дека Савченко веќе му претставувала товар на Путин и тој во најдобар момент решил да ја ослободи. Најдобар во смисла дека таа веќе станува личност со која во Украина ќе мора внимателно да се однесуваат сите. Се тврди дека со ослободувањето на Савченко ќе биде разнишана позицијата на Порошенко, на Тимошенко и на многу други политичари, што не е далеку од реалноста. И токму затоа Путин се решил да ја искористи како оружје во политичка дестабилизација на Украина. Која и да е вистината  од целата оваа игра, едно е јасно. Уште од првиот ден на ослободувањето  Савченко во Киев се однесува исто како во рускиот затвор. Таа ги кара пратениците во парламентот и ги нарекува „мрзливи ученици“, новинарите за неа се „кучиња“ и „чакали“. На првата седница на парламентот таа дојде со украиско  и со кримско-татарско знаме. На првата конференција за печат на прашањето дали би сакала да биде претседател на државата, таа одговара дека „нема да речам дека сакам, но ако треба, тоа ќе го направам“. За неа е битно што ќе рече народот. „кога ќе дојде до тоа,и народот побара, тогаш јас ќе бидам таму“. Таа појаснува дека не е подготвена да оди во претседателската резиденција уште утре. „ Кога ќе дојде до тоа и народот ќе побара тогаш јас ќе бидам таму. Меѓутоа ако народот излезе на Мајдан и побара од мене да заминам – јас нема да се држам за фотељата“, вели таа. За неа над се е Украина, народот и борците против сепаратистите. Савченко не им останува должна ни на некои западни земји. Во едно интервју за германски „Билд“ таа изјавува:-Ме доведува до лудило тоа што во Украина гинат војници,а во исто време во Германија се разгледува ослабувањето на санкциите кон Русија. Таа во интервјуто го повикува Западот уште повеќе да го зголеми притисокот врз Русија. „Јас мислам дека светот треба конечно да свати дека гладта на Путин никогаш нема да заврши. Тој сака постепено да покори други региони и земји. Затоа е неопходен економски и политички притисок“, вели за „Билд“ Савченко. Кога се зборува за Савченко треба да се каже дека таа е типичен пример на патриот, еден од многуте кои се изродија после настаните со Мајданот и уривањето на претседателот Виктор Јанукович. Таа е претставник на обичниот украинец. И така се однесува. Таа е продукт на слободоумната идеја на Мајданот. И ја брани таа идеја. Таа е против корупцијата, против олигарсите. Деновиве кога на дневен ред во парламентот беше прашањето за создавање на времена комисија за истражување на оф-шор компаниите на претседателот Порошенко и ред други високи украински чиновници таа ги повика пратениците да гласаат за форимрање на таква комисија. Според неа во парламентот сите кажуваат правилни работи, но после тоа почнуваат неправилните дејства. Секоја власт која што доаѓа се дере за копрупцијата на претходната власт. „Нема ниту една власт во мојата памет, која говорела за својата корупција. Вие сите сте на „Титаник“. Во вас сега гледа целиот народ. Ако не ја создадете сега комисијата, народот веќе разбрал какви сте. И ако формирате комисија и таа ништо не сработи, народот пак ќе рзбере какви сте“, им рече Савченко на пратениците. Истовремено им се закани дека ако се продолжи по старото, како од 90-тите години, тогаш народот грмне по парламентот и ниукој нема да се спаси.Дури ни глуците нема да побегнат од „Титаник“. Но и покрај ваквите заложби на Савченко пратениците не гласаа за формирањето на комисијата. Савченко наиде на тврд одговор и при промената на Уставот во делот на судството. Таа се залагаше да не се почне со промени на Уставот. Кога зборува таа зборува пламено полна се емоции. „Ве молам не го чепкајте Уставот. Ако сега почнеме да носиме измени во Уставот тогаш земјата ќе летне на парчиња“ ги предупреди Савченко своите колеги. Но измените беа донесени. Што зборува ова? Како никој да не ја есапи жената херој на Украина? Како да била само дел од PR стратегијата на претседателот и на други политичари. Како да сакаат да и покажат каде и е местото. Но Надја Савченко не се предава. Сигурно ќе ја искористи својата слава кај народот и нема да биде изненадување ако организира нов Мајдан заедно со своите истомисленици и соборци, доколку парламентот носи одлуки кои се во спротивност на нејзинте сваќања. Таа долго ќе биде камен во чевелот на Порошенко и на украинската политика. Тоа може да се изроди и во директен судир со него. Во таква битка Савченко нема никакво искуство. Игрите во коридорите на власта за неа се туѓи, а нема време да ги учи. Можеби ќе ја доживее судбината на нашиот Љубе Бошковски. Дочекана со помпа по излегувањето од руски затвор, па поради тоа што „многу зборува“да заврши во украински затвор. Некои велат дека не е најдобра со нервите. Во најдобрите советски традиции можат да ја пратат да се „лекува“. Но едно е јасно, таа нема да се предаде. На 10 јуни најверојатно ќе се гласа пакетот за измени на Уставот во поглед на децентрализацијата, читај поголемата самостојност на сега отцепените територии. Тоа нема да и биде драго на Савченко. Тој ден ќе се знае по кој пат ќе тргне Украина. Или ќе ги врати Доњец и Луганск во својот состав со опасност од нов Мајдан, но сега покрвав од претходниот, или пак ќе го отвори патот на сепаратистите да градат стратегија за создавање на самостојна држава, која во некоја иднина би се приклонила кон Русија. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД