29 Април, 2024
0.0329

Животна сторија на Илија Јовановиќ: Од домско дете до сопствен домаќин!

Објавено во: Анализа 14 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Сурово реален или реално суров е животот на децата без родители. Материјалните работи кои ги добиваат во домот за деца без родители за поголемиот дел од нив неможат ниту одалеку да им ја исполнат празнината и копнежот по најблиските. Празниците и семејните празнувања се најтешки бидејќи тогаш најмногу се чувствува болката и осаменоста. Илија Јовановиќ е еден од штитениците на Домот за деца без родители ‘11 Октомври “, кој пред цели 11 години излегол од таму, и чекори на својата самостојна животна патека. Вели, тешка и трнлива, бидејќи животот во дом, без родителите, без нивна љубов, топлина и внимание засекогаш остава траги во душата. Тој е еден од најголемите гласноговорници кој се бори за правата на децата од дом. Без влакна на јазикот зборува за проблемите, бидејќи како што вели, ако јавно не ги прикажеме исто како да не постојат. А, ги има многу! Децата кои после 18 тата година го напуштаат домот за деца без родители се наоѓаат на животен крстопат. Оставени сами во одлуката каде понатаму? Каде ќе ги однесе новиот ден? Ова е прашањето кое си го поставува секој од нив кој го поминал прагот на домот. Судбината на децата од дом е многу реална, искрена и полна со емоции. Барем за оние кои знаат да ја пренесат и оние кои ќе ја слушнат! Денес како родител на 4 годишната Матеа, Илија Јовановиќ, вели е најсреќниот родител на светот. Бидејќи Господ му го подарил најмилото детенце, а тој успеал да му ја пренесе сета своја љубов, она што во неговото детство никогаш го немал. За празниците вели Илија, е најтешко. Секое дете се радува на празниците , а неговото срце било во грч. Тажен што токму овие семејни моменти ги поминал со децата кои ја делеле истата судбина , но и среќен што неколкумина од нив останале негови “ браќа и сестри” , онакви какви што секогаш ги посакувал, чесни и искрени, спpемни да го ислушаат, да му помогнат. Денеска во сопствен дом Илија е вистински домаќин. Семејните прослави и скоро сите празници ги подготвува со семејството, со сопругата Добринка и ќерката Матеа , а заедничката радост ја дели со пријателите. Никогаш не ги заборава, бидејќи тие се дел од неговото детство, од неговата животна судбина во домот, од неговите спомени. Со Ѓоко и Дејан се знаат одсекогаш. Домот за деца без родители бил нивни заеднички , но денес секој со свое огниште, умеат да направат разлика што вистински значи “дом”. Домската врска духовно ја зацврстиле, па така Илија е старосват на тројца другари од домот, Чедо,Маријан и Зоран. “Додека бевме сместени и згрижени во домот до 18-тата година, повеќето од нас не ги гледавме и чувствувавме како нешто празнично, весело, искрено. Имаше секоја година организирано пречек, но кога ја нема домашната атмосфера не е исто. Бидејќи ја делевме истата судбина, ги поминувавме празниците колку што можевме посплотено, но далеку од она што навистина го имаат како магија истите. Мојата ќерка е мојот живот! Ова не е само клише или излитена фраза, бидејќи верувам дека секој родител ќе го каже истото за своето дете. Но мојата болка е подлабока, бидејќи јас знам што значи да немаш родители. А, мојата ќерка знае што значи да има некој кој неизмерно ќе те сака, ќе те гушне, ќе те испрати во градинка и ќе те пречека на врата. Тие моменти за мене се најважни. И покрај работните обврски, јас секоја минута ја користам да бидам со мојата ќерка и со сопругата. Мојата желба во Новата 2014 секој момент треба да се исполни. Нашето семејство ќе се прошири за уште еден член, чекаме принова и тоа е уште еден божји благослов за мене. Мојата сопруга е од Кочани, има родители, семејство и знае што значи да седнеш на трпеза, да бидеш со домашните. Јас тоа го почуствував откако сме заедно. Јас вистински живеам, онака како што сонував како дете, шест години, бидејќи тогаш добив стан за кој плаќам кирија, се оженив, добив вработување. Беспарицата и скапотијата си го прават своето, пари тешко стигнуват да се истурка месецот, но јас сум задоволен и со тоа. И мојата сопруга работи, но и со две плати кај нас живеачката е прескапа. Јас конечно живеам како што одсекогаш сонував, со семејство. Немав родители, но го имав Бог, бидејќи друго многу и не ви преостанува за да излезете на вистинскиот пат, освен вербата дека некој знае кога и зошто ги направил работите онакви какви што се. Среќата во животот ја прави семејството, а јас како еден пример можам да го потврдам тоа”-вели Илија Децата без родители бараат поголема грижа од институциите! Покрај емотивната и психолошката, децата без родители се соочуваат и со образовни и стамбени проблеми. Иако за голем дел од нив делумно се реши стамбеното прашање со доделување на социјални станови за оваа категорија, вработувањето и ниските плати за оние кои веќе работат остануваат проблем. Треба да се плаќа кирија, да се протурка месецот. Според Илија Јовановиќ, корените на проблемите се уште подлабоки и датираат од изминатите години поминати во домот. “ Некои воспитувачи за воља на вистината навистина се грижат за децата во домот, но најмногу сум иритиран од тоа што повеќето деца беа со втор степен на образование, оставени сами на себе, а дел беа запишувани и во специјални училишта како деца со пречки во развој. Јас сметам дека недостасува построга контрола, тестирања кои ќе утврдат дали и кои деца треба да посетуваат вакви училишта, каков е нивниот психолошки развој, здравствената состојба. Во тој дел сметам дека треба повеќе да се работи за да им се подобри состојбата на домските деца. Дискриминацијата е голема и кога се работи за одење во градинка. Се прашувам зошто децата од дом не посетуваат градинка.? Па ним уште повеќе им е потребна ваква нега и грижа во развојот. Овој проблем ми го посочуваат поголемиот број на децата од домовите кои секојдневно гледаат како растат нивните “браќа и сестри”. Да не зборуваме за проблемите на децата од дом кога ќе почнат со училиште, во основно, средно па и на факултет. Секогаш како со товар на плеќите се кријат зад погледите на останатите. Тоа отфрлање верувајте, тие лесно го препознаваат, а боли! Денес , вели Илија, со пионерски чекори работите одат кон подобро. Кога тој излегол од домот добил 20 000 денари и едно ЗБОГУМ! Се сеќава, како едвај да чекале да му го предадат решението за нашуштање на домот. “ Несакам да се сеќавам, многу е болно но сведок бев на моменти кога деца од домот беа исфрлани со полициска придружба, без тронка жал и разбирање. Тогаш сватив дека сега сум сам на светот.Судбината ќе ми го одреди патот. Образованието е горлив проблем . Честопати оценките им се на овие деца многу слаби, потребно е некој и после часовите да работи со нив. Среќен сум што успеав да издејствувам 35 деца да учат англиски јазик. Денес се до трето ниво. Следниот проект е музичко описменување и надградба за талентирани деца по музичко образование и преку овој проект 12 деца ќе учат солфеж и теоретска настава, а во најновиот проект 60-тина деца треба да учат настава за компјутери.Со завршувањето на обуките ќе се стекнат со сертификат за обука и положен испит кој понатаму ќе им помогне полесно да конкурираат за работно место”-додава Илија . Станови за децата без родители? Во Скопје досега се опремени 102 стана за децата без родители, а во најава е и последниот проект за уште 40 стана за нив. Ќе плаќаат кирија, но ќе имаат покрив над глава. Денес се поголем број од децата се запишуваат на факултет со финансиска помош од 12 000 денари за секој студент. Не е нималку едноставно, вели Илија, покрај за сопствениот да водиш битка и за туѓите животи, за оние кои ја делеле истата судбина. “Јас знам што значи да се нема покрив над главата и да се бара решение на секој начин. Знам и што значи да немаш, да го трошиш последниот денар во обид да ја подобриш својата и состојбата на децата од дом. Тоа ми донесе многу стресни ситуации, многу затворени врати за кои со денови и часови сум чекал и молел да ме примат и да ме ислушаат”-вели Илија. Оваа година Дедо Мраз дојде и кај нас. Мојата ќерка Матеа веќе разбира се.Но јас за да ја усреќам и да и ја доловам магијата на Новата година, само за неа се преправив во Дедо мраз. Радоста беше неопислива. Солзи радосници ме обземаа кога ја видов нејзината насмевка и се присетив на моето детство, како со тага чекав Дедо Мраз да ми ја исполни мојата најголема желба –родителите. Но никогаш не ја добив посакуваната желба! Затоа денеска од дното на душата се трудам на мојата ќерка да и ја пренесам важноста на семејството, на љубовта, взаемната почит и разбирањето-завршува Илија. Илија Јовановиќ е најголемиот борец и гласноговорник за правата на децата кои излегуваат од Домот за деца без родители. Иако многумина му замеруваат што во очи ја кажува суровата реалност и проблемите со кои се соочуваат овие деца, тој не се откажува од борбата. Вели, ќе тропне на секоја врата која може барем за тронка да помогне на домските деца, да им овозможат да формираат свои семејства и пристоен дом и живот. Здружението за деца без родители “ Градиме иднина” функционира од 2003 тата година, но решавањето на еден проблем отвара два нови. Борбата, вели Илија продолжува низ институциите на системот се додека има надеж и можност секој кој го поминал своето детство во дом, не успее својата животна судбина да ја претвори во обична секојдневна животна приказна. С.Б.