15 Мај, 2024
0.0278

Зошто е тешко да се каже колку вкупно должи Македонија?

Објавено во: Анализа 12 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Според Владата, државниот долг изнесува 34,3% од БДП. Според опозициската СДСМ, јавниот долг изнесува 44%, а според оценките на дел од експертите тој е повисок од 45% од бруто домашниот производ. Економистите велат дека иако станува збор за различни методолошки мерења кои даваат различни показатели, треба да се прави разлика помеѓу ЈАВНИОТ ДОЛГ НА ЦЕНТРАЛНАТА ВЛАДА, кој не ги вклучува долговите на општините и на јавните претпријатија и ВКУПНИОТ ЈАВЕН ДОЛГ кој ја дава сликата за целата задолженост на државата, општините и јавните претпријатија. Колку должи Македонија и дали со дозирани информации се создава погрешна слика за позицијата на задолженост на земјава? Ставрески V.Наумов: Весела математика, кој си игра со бројките? Опозицијата пласира стари податоци. Бројките за состојбата со државните долгови се транспартентни. Вака министерот за финансии Зоран Ставрески возврати по тврдењето на опозициската СДСМ дека јавниот долг е поголем од 40% од БДП. Сепак, министерот признава дека има повеќе методологии за мерење на нивото на долгот, но според него релевантен податок е оној за јавниот долг на централната Влада, што практично се објавува како официјален податок за нивото на задолженост.
“Состојбите околу долгот на државата, државниот долг и долгот на претпријатијата и гарантираниот долг и долгот на Народна Банка се транспарентно објавувани сите овие години на веб страницата на Министерството за финансии. И мислам дека има голема доза на сензационализам во настапите на СДСМ околу ова прашање, и тоа непотребен сензационализам затоа што се користи податок кој што е објавен во претпристапната економска програма од минатата година“, изјави министерот Ставрески и додаде:
“Јас и натаму одговорно тврдам дека државниот долг е 34,3 % со крајот на декември и со тоа Македонија останува четврта земја со најнизок долг во Европа!“ Повикувајќи се на документ од Министерството за финансии, опозициската СДСМ објави дека заклучно со септември 2013-та година јавниот долг, кој го вклучува долгот на државата и јавните претпријатија, изнесува 3 милијарди и 226 милиони евра или 40% од бруто домашниот производ.
“Ако на ова ги додадеме задолжувањата во последните три месеци од 2013, тој изнесува 3 милијарди и 390 милиони евра и е 42% од БДП. При тоа, ако БДП го пресметуваме по методот на Народна Банка, кој е и единствено исправен, а Ставревски не сака да го примени, вкупниот јавен долг изнесува 44% од  БДП“, изјави Кире Наумов од СДСМ.
Наумов смета дека со овој документ во кој долгот е пресметан според Законот за јавен долг и по методологијата GFS (Government Finance Statistics), Владата признава дека со години го прикрива јавниот долг на државата и дека не се почитувале законите и меѓународните методологии.
“Македонија е задолжена над 44% од БДП и се останато е манипулација на Груевски и неговата влада“, изјави Наумов.
Министерот за финансии, иако се спротистави на овие тврдења на опозицијата, сепак пред камерите не го соопшти вкупниот јавен долг. На прашањето “Зошто ви е тешко да го соопштите долгот?“, изјави:
“Дали имате ново прашање или сметате дека ако пет пати повторите исто прашање треба да одговорам на сите прашања? Ве молам, ако има нови прашања?“, рече министерот.
По тврдењата на СДСМ, реакција и од партискиот штаб на ВМРО -ДПМНЕ.
“Податоците за долгот редовно се објавуваат на веб страницата на Министерството за финансии. Само кој знае да чита. Државниот долг на Република Македонија е 34,3% од БДП. Четврт најнизок во Европа. Овие податоци не ги кажува само Владата на Република Македонија, овие податоци ги кажуваат многу релевантни меѓународни институции како што се Светска Банка и ММФ“, се огласи партијата преку писмено соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ највија дека секој ден ќе објавуваат по пет реализирани проекти со што ќе докажеле дека постоело разлика меѓу владеењето на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Кредитите од Кина – дополнителен должнички товар! Ланската 2013-та година заврши со највисоко ниво на јавниот долг на централната Влада измерено во последните осум години. Според податоци на Министерството за финансии, заклучно со декември, дома и кон странство државата должи 2,7 милијарди евра. Ланската година измина во знакот на раст на задолжувањата кај домашните кредитори, преку објавување на аукции на записи, но и на подолгорочни обврзници кои ќе се отплаќаат во следните пет години. Според дел од експертите нивото на јавен долг од 34,3% и натаму не ја одразува вкупната состојба со задолжувањата. Дополнително, следните неколку години долгот само по основ на кинескиот кредит за изградба на двата автопати ќе се зголемува за нови 200 милиони евра, пари кои ќе се книжат на сметка на Јавното претпријатие за патишта.
“И со овие објавени бројки ние ја немаме целосната слика за состојбата со долговите. Овој показател од 34,3 отсто ги зафаќа само долговите на Владата и на Фондовите. Каде се долговите на јавните претпријатија и на општините? Податоците не се транспарентни и станува збор за манипулација“, изјави неодамна за “Фактор“ Петар Гошев, еден од поранешните министри за финансии и екс-гувернер.
Според него, во моментов вкупниот јавен долг, кој ги зафаќа и долговите на јавните претпријатија, општините, државните фирми е поголем од 45% од БДП.
“Јас би прашал колку должи здравството по основ на доспеани побарувања кои не се платени, а не се ниту калкулирани во долгот? Бројката не е позната но сметам дека станува збор за долгови од 50 милиони до 100 милиони евра. Во средината на 2013-та година имаше показател според кој јавните претпријатија само кон надвор должат 400 милиони евра, останува нејасно колку должат и дома по различни основи. Сите овие бројки не се вклучени во она што сега го објавува Министерството за финансии“, вели Гошев.
Според Гошев, не треба да се игнорира и новото задолжување за изградба на двата автопати. Кинескиот кредит, според екс-гувернерот нема да се книжи како долг на централната Влада, но тој сепак ќе биде долг на товар на јавното претпријатие за патишта, кои исто така е под државна капа. Според проценките на Гошев, откако ќе почне реализацијата на проектот, во период од три години, во просек ќе се повлекуваат по 200 милиони евра, пари кои ќе треба да се враќаат во годините што следуваат. Еве каква е сегашната структурата на Јавниот долг на Централната Влада: Внатрешен долг - 1 милијарда 165 милиони евра Надворешен долг - 1 милијарда 591 милиони евра Во буџетската 2014-та и 2015-та година, според Владата јавниот долг ќе се движи околу 34%, а во 2016-та година би изнесувал 37,6% од БДП. А.Д.